СДСМ: Со рушењето на галијата се чистат остатоците од ѓубрето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

СПОДЕЛЕТЕ

Рушењето на Галијата е чист предизборен маркетинг на Петре Шилегов. Четири години е градоначалник и две работи по кои ќе биде запамтен е рушење на галијата и засадување на едно сиромашно дрво“, реагираа денеска од ВМРО-ДПМНЕ, откако првиот човек на Град Скопје објави дека започна отстранувањето на првата од трите галии во реката Вардар, поставени во рамки на проектот Скопје 2014.

Тие потсетуваат дека Шилегов ветуваше подземен тунел под Кале, нови булевари, мостови и паркови. Воедно, ги повторија и обвинувањата за наводната дивоградба што Шилегов ја гради.

„Третата работа која што е поврзана со градење а го има печатот на Петре Шилегов, е зградата дивоградба која што ја изгради во време на неговиот мандат во скопски Карпош. Искрено се надеваме дека големата офанзива за рушење на Петре ќе продолжи со неговата зграда дивоградба изградена со парите од украдените пари од тендери“, велат од опозицијата, од каде тврдат дека Шилегов ќе биде запаметен како најнеуспешниот градоначалник, но и дека ќе биде меѓу првите кои што кривично ќе одговараат за направеното на штета на скопјани.

Од СДСМ, од друга страна, порачаа дека со рушењето на галијата кое е направено согласно сите правни услови, „се чистат остатоците од ѓубрето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје“.

„Сѐ понервозни се во ВМРО-ДПМНЕ онака како што наближуваат изборите. Знаат дека се сѐ поблиску до нов изборен пораз, па затоа секојдневно ги засилуваат лажните вести, конструкциите и празните закани кон градоначалникот Петре Шилегов“, обвинуваат тие.

„ВМРО-ДПМНЕ го запусти Скопје трошејќи стотици милиони евра на барок, гипс фасади, галии, споменици и палми додека цели населби беа без основни услови за живот.

Денес во Град Скопје се инвестира рамномерно, се следат и реализираат потребите и барањата на граѓаните. Затоа Шилегов и СДСМ се убедливи фаворити и извесни победници на локалните избори“, порачаа од владејачката партија.

- Реклама -