Тренерите на Георгиевски му го отстапија својот дел од премијата на главниот јунак: „За нас доволен е историскиот сребрен медал со златен отсјај!“

СПОДЕЛЕТЕ

На денешната редовна 92. седница, Владата одлучи да го награди нашиот олимпиец кој го освои сребрениот медал во теквондо на ЛОИ во Токио – Дејан Георгиевски, со паричен износ од 1.2 милиони денари (речиси 19.5 илјади евра), а на неговиот тренер Дарко Костовски да му бидат доделени 600.000 денари. Покрај ова, Георгиевски ќе биде награден и со дополнителни 600.000 денари од Агенцијата за млади и спорт.

Костовски, меѓутоа, на Фејсбук соопшти дека тој и неговиот брат (помошник тренер) ќе се откаже од својот дел од наградата, бидејќи, како што вели, сите пари треба да ги добие токму главниот херој, а тоа е, секако, освојувачот на медалот Георгиевски.

„Владата доделила 20 000 евра за македонската спортска икона Дејан Георгиевски и 10.000 евра за тренерите.
Мојот брат д-р Борче Костовски и јас, како тренери на олимпискиот сребрен медалист Дејан Георгиевски, апсолутно се откажуваме од премијата што е доделена за нас, секако таа целосно треба да биде насочена кон олимпискиот вицешампион, новата македонска гордост!“, порача Костовски, додавајќи дека за нив како тренери доволен е историскиот олимписки медал „со златен отсјај“.

Утре „сребрениот“ Георгиевски и официјално ќе биде пречекан кај Триумфалната капија на плоштадот во Скопје. На скопскиот аеродром ќе слета во 14.30 часот, а на плоштадот ќе пристигне во 19:30. Покрај Македонскиот олимписки комитет и Македонската таеквондо федерација, на што поголемо присуство повика и самиот Дејан. „Со цело срце и за Македонија“, порача тој.

- Реклама -