Камчев четврти месец во „Шутка“, доби нови 30 дена притвор

СПОДЕЛЕТЕ

Нови 30 дена притвор за бизнисменот Јордан (Орце) Камчев одреди Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје.

Како што соопштија од Судот, притворот на Камчев за случајот „Плацеви на Водно“ е продолжен бидејќи сѐ уште постојат околностите од член 165 ст.1 т.1 од ЗКП, односно ризик дека обвинетиот може да се крие или да се впушти во бегство.

Со ова, Камчев неделава ќе го започне четвртиот месец во Шутка, откако беше притворен на 14 март, a врз основа на службена белешка од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) до Обвинителството, според која осомничениот се подготвувал за бегство. Камчев во меѓувреме бараше да се брани од слобода, за што понуди и гаранција од 1.7 милион евра, која Апелација ја одби поради истата причина – постоење на опасност од бегство.

Обвинението за „Плацеви на Водно“ обвинителката Лиле Стефанова од Основното јавно обвинителство за борба против  организиран криминал и корупција, го поднесе на 12 мај и истото наскоро ќе треба да биде оценувано од Кривичниот суд. Доколку биде одобрено, наскоро ќе започне и судењето.

Камчев е главниот осомничен во случајот „Плацеви на Водно“, кој се однесува на купување и прикривање на вистинскиот сопственик на три атрактивни парцели на Водно преку фирма од Белизе, како и уште еден плац во центарот на Скопје, два стана во главниот град и две парцели во Крушево. Според Обвинителството, токму преку Камчев поранешниот премиер Никола Груевски ги перел парите од партиските членарини и купил над еден хектар плацеви, шума и нетрансформирано градежно земјиште на Водно.

Покрај Камчев, обвинети за овој случај се и екс-премиерот Никола Груевски, кој е во азил во Унгарија, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисменот Ненад Јосифовиќ, мајката на Камчев – Ратка Куновска Камчева, и поранешниот директор на УБК – Сашо Мијалков, кој исто така е во притвор.

- Реклама -