ВМРО-ДПМНЕ: Синот на Самка, сестра на пратеничка и претседател на СДММ се меѓу тајните хонорарци на Владата платени од граѓаните

Додека во Македонија граѓаните преживуваат од ден за ден и остануваат без работа, а државата осиромашува и станува сѐ позадолжена, власта своите партиски војници дебело ги наградува со хонорари, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ, откако Владата го објави списокот на 55 професионални соработници, кои во јавноста деновиве беа наречени „тајни хонорарци“.

За хонорари, од 2019 до 2020 година, власта исплатила над 1 милион евра. Под закрила на Владата биле 58 хонорарци, од кои денес се објавија само 55. Партиски војници на власта земале хонорари до 1.000 евра, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Меѓу хонорарците кои земале народни пари во енормни суми се бројни членови и симпатизери на СДСМ – Петрит Сарачини, Марко Михаилоски – претседател на СДММ (Социјалдемократска Младина на Македонија), Јана Велковска – сестра на пратеничката од Тетово – Фаница Николовска, Дамир Ибраимоски – син на Самка Ибраимоски. На листата може да се види и името на Ванчо Узунов, кој бил поранешен потпретседател на СДСМ“, наведуваат од опозицијата.

Според нив, токму овие хонорарци за еден напишан статус или за погрешно наместено знаме, земале и по 30 до 50 илјади денари.

Од имињата на објавените списоци, јасна е намерата зошто власта калкулираше со денови кога да ги објави. Поради Заев Македонија е најсиромашната, најкорумпираната и најнесреќната држава во Европа“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Владата, пак, велат дека објавувањето на листата следува откако претходно биле извршени консултации со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за модалитетот за заштита на личните податоци на соработниците опфатени со овие ангажмани, односно дека „внимателноста“ (чекањето до денес) била мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица.

Според нив, листата потврдува дека нема тајни или анонимни хонорарци, туку точно се знае зошто, како и до кога се ангажирани физички лица надвор од редот на вработените, со ангажмани кои се строго професионални и се реализираат во целост.

„Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните.

Во таа насока, упатуваме јасна порака дека Владата и институциите ќе ги искористат сите институционални механизми кои се на располагање да ги заштитат професионално ангажираните лица од јавен линч, нарушување приватност, говор на омраза или повици за насилство“, предупредуваат од Владата.

Воедно, тие уште еднаш категорично ги отфрлаат сите дезинформации дека наводно исти лица биле вработени во Владата и во исто време добивале хонорар. Тоа не е точно, бидејќи е недозволиво вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата, се вели во соопштението.

Владата ги демантира како неточни и информациите дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер“. Тоа е лага измислена и раширена токму од оние центри кои користат „ботовски” системи за ширење лажни вести, а Владата е противник на таквото нечесно манипулирање со граѓаните, се вели во соопштението.

- Реклама -