Владата најавува „кампањи од исклучителен јавен интерес“ преку медиумите, ММА со поддршка за иницијативата

СПОДЕЛЕТЕ

Град Скопје ќе потроши 130 илјади евра за да се рекламира преку маркетинг агенција, дознава „Алсат“. Образложението оттаму е дека медиумите не нудат толку простор колку што градот има информации да соопшти. Од Владата за „Алсат“ велат дека нема ништо спорно, а најавуваат и дека се работи на тоа да се овозможи и самата Влада, односно институциите, „да се рекламираат“ преку радиодифузерите.

Имено, од Владата најавуваат измена на членот 102 од Законот за аудио визуелни услуги, со цел да се овозможи и институциите да можат да реализираат, како што велат, „јавни комуникации (кампањи) од исклучителен јавен интерес и преку радиодифузерите, на теми кои се од витално значење за граѓаните и државата, како што е на пример вакцинацијата, антикорупцијата, справувањето со дезинформациите и слично“.

Македонската медиумска асоцијација (ММА) и нејзиниот претседател Атанас Кировски, изразија поддршка за ваквата иницијатива на Владата:

„Македонската медиумска асоцијација на националните терестријални телевизии, земајќи го во предвид речиси едногодишното живеење и работење во услови на светска пандемија, ја известува јавноста за нашата поддршка на Владата на С.Македонија во однос на нивната иницијатива.

Станува збор за измена на членот 102 од актуелниот Закон за Аудио и Аудиовизуелни медиумски услуги, во кој се забранува било какво користење на буџетски средства за било какво информирање преку приватните радиодифузери.

Сепак, земајќи ја во предвид позитивната европска пракса, која дозволува и препорачува емитување на непартиски кампањи од исклучителен јавен интерес , како што се на пример кампањите за заштитните мерки од Ковид-19, во смисол држење дистанца, носење на маски и сл., сметаме дека како европската, така и домашната јавност мора на вистинит но и навремен начин да биде информирана за теми и прашања од исклучителен јавен интерес кои имаат директен ефект врз македонските граѓани како на пример: антикорупција, борба против дезинформации и лажни вести, интеграција на земјата во ЕУ, борба за чист воздух и др.

Затоа нашата асоцијација на национални терестријални телевизии бара од Владата да подготви предлог измена на членот 102, кој истиот потоа ќе го достави до Собранието на Македонија, по што очекуваме Собранието да ја обезбеди горепосочената измена предложена од Владата.

Бенефитот на ваквите кампањи треба и мора да го почуствуваме сите, независно на етничка, верска или политичка припадност, и најважно, нашите сограѓани заслужуваат да добијат едукација, но и вистинска а не лажна и при тоа навремена а не измислена информирација за теми и прашања од исклучителен јавен интерес, од кои ние сите ќе имаме лична но и општествена придобивка.

Кампањите од искучителен јавен интерес, како што е на пример сегашната активност за имунизација на нашето население, нема никој право ниту пак смее да ги попречува да допрат до што е можен поголем број на наши сограѓани, на ефектен и правовремен начин, за што најдобар канал за пласирање на истите се националните терестријални ТВ канали“, се вели во известувањето од ММА.

- Реклама -