Апасиев: По сила на Устав сум ДОЛЖЕН да не ги примам попишувачите дома

Законот за попис (кој денеска беше донесен со 62 гласа и со 29 по Бадинтер) во сред пандемија и прогласена кризна состојба е спротивен на Уставот, тврди пратеникот и претседател на Левица – Димитар Апасиев. Според него, истиот се коси со членот 39 став 2 од Уставот, кој вели:

„Граѓанинот има право и ДОЛЖНОСТ да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите“.

„Значи, јас – по сила на устав – сум должен да не ги примам попишувачите дома во сред епидемија, оти може да ме заразат со коронавирус“, пишува Апасиев на социјалните мрежи.

„p.s. Да немавме Кацарска-судство, ќе ви паднеше како круша на Уставен суд. Ај, ако иам време деновиве, може и ќе ви го оспорам – чисто да ги тестираме ставовите на нашите ‘угледни правници’ и да се смееме со студентите на вежби за вашите експертутски правни мислења. #Ненормални“, порача Апасиев.

Тој, како и неговиот колега пратеник од Левица – Борислав Крмов, се на ставот дека, спротивно на уверувањата, пописот ќе претставува политичка, а не статистичка операција, односно ќе биде фалсификат со кој ќе се изврши демографски инженеринг кој ќе ја штелува наместо да ја отслика реалноста. Апасиев дури и однапред „ги соопшти“ процентите кои, според него, се однапред договорени:

„Процентот на резултатите од ПОПИСОТ е договорен уште при формирањето на Владата на СДС + ДУИ. Ако ве копка, еве да ви кажам: најголемото малцинство ќе биде 28,5% (иако во реалноста резиденти се околу 18%). Ова сега е само фалсификување на реалноста, со цел таа да се наштима на коалицискиот договор. Со ‘државници’ ко Заев, за жал, демакедонизацијата е процес кој е во тек. #ПакДаСиГиГласате
#ПамтетеГоСтатусов“, порача неодамна Апасиев на социјалните мрежи.

Тој и Крмов посебно алармираат на врзаниот потпис при констатирање на резултатите. Според нив, тоа значи право на вето на ДУИ.

„Ние се сомневаме дека веќе бројките околу соодносот на етникумите во оваа држава се определени од вас, затоа е нели тој фамозен ‘врзан потпис’ меѓу директорот на ДЗС и неговиот заменик. И сега, ќе се оди одозгора надолу, определени се бројките, а вие реалноста ќе ја прилагодувате, за да дојдете до бројките, коишто со вашиот коалиционен партнер ги имате договорено…

… Врзаниот потпис – тоа е ВЕТО, тоа мора да го знае јавноста. Ако резултатите не им се свиѓаат на ДУИ, тие може да не стават потпис и милиони евра се фрлени во вода. Тој попис нема да важи. Вие имате 46 пратеника, ДУИ има 15, а односот е 50/50!? Политичката сила е 50/50. Ветото (врзаниот потпис), кое што им го давате е единствениот начин ДУИ да ви дозволат вие да спроведете попис и тоа не гарантира ништо освен ФАЛСИФИКАТ…

… ‘Пописот бил статистичка операција која ја регистрирала, а не креирала реалноста’. Зошто е тогаш ВРЗАНИОТ ПОТПИС со неговиот заменик од ДУИ? Нели е ова проста статистичка операција, а не политичка? Со врзаниот потпис што дефакто преставува ВЕТО, ние единствено ќе може да ја регистрираме ‘реалноста’ која ќе ја дозволи ДУИ!“, се дел од пораките што претходно ги испрати Крмов од собраниската говорница или преку социјалните мрежи.

Крмов, притоа, од собраниската говорница, ја посочи и причината која, според него, се крие зад ваквиот политички пазар:

„Мора сите да разбереме, тие фамозни 20% коишто ги броиме од 2001 до сега, значат моќ, значат пари – и некој од тоа нема да се откаже. Обичните Албанци не добија ништо со тоа! Тие се валкаат сиромашни во калта, исто како обичните Македонци, ама албанските партии добија – и тие нема да се откажат од тоа. Значи, надвор од оваа фамозна просторија се случува класна војна, каде без разлика на етничката припадност, на богатата класа на оваа држава ѝ е дозволено да ги гази работниците и да се богати на нивен грб со ваша дозвола. Значи со ваша дозвола и со дозвола на Владата, а тука се фрла магла во очи на обичниот граѓанин, дека конфликтот е етнички, додека конфликтот е класен”.

И тој реагираше по денешното донесување на Законот за попис:

„И повторно моравте и законот за ПОПИС да го донесете со силување процедура и силење! Еден закон можете ли донесете без да се силите? Еден закон?! Давате збор и процедурално само ако ви се сака, се гласа и кога треба пауза да има. Иако имате обезбедено мнозинство го кршите деловникот и кога не морате, само да покажете сила! Вака ли ќе носите закон за попис и ќе биде ‘статистичка операција по светски стандарди’!? Вие не сте ништо повеќе од банда силеџии и насилници. Сѐ ова ДЕСЕТКРАТНО ќе ви го удриме од глава така да знаете. Вашето време поминува а нашето доаѓа!“, порача пратеникот на Левица.

- Реклама -