Вакцините против Ковид содржат свински желатин, смеат ли муслиманите да се вакцинираат?

СПОДЕЛЕТЕ

Додека светот се радува на вакцините и новата надеж дека наскоро ќе може да здивне од пандемијата, одредени верски заедници реагираат околу достапните вакцини на пазарот, затоа што содржат свински состојки. Односно, повеќето вакцини против Ковид-19 содржат свински желатин, кој има улога на стабилизатор и овозможува подолго траење на вакцината при транспорт и складирање. Од друга страна, халал стандардите на исламот забрануваат консумирање на свински производи од страна на верниците.

По тој повод, порталот „Klix“ од БиХ ја контактирал тамошната исламска верска заедница за мислење.

„Исламот ги повикува луѓето да се грижат за своето здравје и да бараат лек за болестите со кои ќе се соочат. Пророкот рекол дека Драгиот Бог за секоја болест дал и лек и ги повика муслиманите да трагаат по тој лек. Тоа е, оттаму, верска обврска на муслиманите“, велат од босанската ИВЗ.

Сепак, одговорот не завршува тука:

„Она, пак, што им е забрането, е лекот да го бараат во она што Алах го забранил. Во забранетите нешта спаѓаат и свињите и свинските производи“, додаваат, посочувајќи дека повеќето информации што доаѓаат до нив се дека дел од вакцините содржат свински желатин, но сѐ уште чекаат потврда на тие информации.

„Ако е тоа точно, муслиманите се должни да се определат за вакцини кои не ја содржат таа компонента, а ефикасни се во лечење на коронавирусот, а ако не постои друг избор, последниот збор за тоа треба да го даде струката, фармацевтската и шеријатско-правната“, велат од исламската заедница.

Меѓутоа, во трката да обезбедат што повеќе количини вакцини, фармацевтските компании не гарантираат дека во нивните дози нема да се најде свински желатин. Тоа се однесува и на вакцината развиена од Pfizer и BioNTech, вакцините на Moderna и Универзитетот во Оксфорд, и други.

Вчера и Британските исламски медицински здруженија известија дека свинскиот желатин најверојатно ќе биде застапен во повеќето вакцини, токму поради побарувачката, постоечките ланци на набавка, трошоците и краткиот век на траење на вакцините.

Сепак, неколку исламски авторитети веќе се огласија по ова прашање. Според нив, доколку нема алтернатива, вакцините нема да бидат „харам“ дури и ако содржат свински желатин.

Министерот за верски работи на Малезија им порача на верниците да ги слушаат властите и да ја примат вакцината, особено оние групи кои владата ќе ги посочи како приоритетни. Тој цитираше шест примери во периодот од 1988 до 2013 година, кога муслиманите во земјата биле вакцинирани против низа болести, од хепатитис Б до менингококална болест.

Со сличен став излезе и највисокиот исламски авторитет во Обединетите Арапски Емирати – Фатва советот. Ако нема алтернативи, вакцините не треба да бидат предмет на забраната во исламот за свински продукти, бидејќи „заштитата на човечкото тело“ е повисока потреба/приоритет според исламот, рече првиот човек на Советот – Шеик Абдала бин Баја. Во таков случај, свинскиот желатин се смета за лек, а не за храна, велат од Советот, посочувајќи дека неколку вакцини веќе покажаа дека се ефективни против високозаразниот вирус кој „претставува ризик за целото општество“.

На истиот став е и Суфистичкиот исламски одбор на Индија, кој ги повика властите да помогнат во спречување на таквите според нив – гласини, но ги повика и исламските здруженија да ги поддржат вакцините. Според нив, муслиманите не треба да ги земаат во предвид гласините за свински состојки во вакцините, а тоа го образложуваат со цитат од Куранот, кој, како што посочуваат, покажува дека животот е подрагоцен, односно има поголема важност од тоа конкретно правило.

 

- Реклама -