Вело Марковски ги откажа сите интервјуа од страв за својата безбедност, прашува и како Костадинов знае детали од истрага против него

„Последниве десетина дена бев мета на бројни напади од сите можни оружја. Слични напади односно пласирање на тези за омаловажување и дискредитација кратко беа пуштени во месец мај, во еден период кога дадов некоја анализа или мислење кое на некои структури не им се допаднаа. Ова само ми дава за право да мислам дека влегувањето во Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е само повод, а не причина за пукање од сите оружја кон мене“, се пожали инфектологот Вело Марковски на Фејсбук.

Како што вели, притоа ниеднаш не биле оспорени неговите ставови околу КОВИД-19, туку се напаѓал неговиот изглед, каракер, личен живот, национална и партиска определба.

„Владеачката партија одржа неколку прес коференции, првата само неколку часа по изборот во ИК. Се вклучија ботови, спинови т.н независни новинари (очигледно многу зависни од пари) аналитичари, лекарска комора… Нападите се лични иако јас за цело време изнесувам научни и стручни ставови се со цел да помогнам да поминеме со полесни последици од најголемата војна во историјата на човекот. При тоа личните навреди се очекувани, свесен сум и за последиците од бранење на научни ставови во време на глобално лудило (професорот Дидиер Раулт имаше смртни закани во дмеократка земја како Франција). Ме изненади омразата со која сум напаѓан од луѓе на кои можеби баш моите ставови и искуство им помогнало многу“, пишува Марковски.

Според него, два моменти сепак отишле предалеку.

„Едниот е прес коференција (или јавно изнесен став) на портпарол на СДС (владеачка партија) во која изнесува многу наводи од една истрага која се води против мене. Изненаден сум како дошле тие податоци до него (или државата тоа сум јас…). За да не влијаам на истрагата јас поминав 4 месеци во притвор, сега таа истрага стана предмет на притисок и јавно споделување“, истакнува инфектологот, кој бара одделението за организиран криминал при Јавното обвинителство во најскоро време да одговори како предметот стигнал до портпаролот, дозволиливо ли е да се влијае на истрагата и дали ќе влијае јавниот притисок и притисокот од власта во понатамошниот тек на истрагата и врз евентуалното подигнување на обвинение и судски процес, како и дали ќе покрене обвинение против сите кои јавно изнесувале податоци од предмет во истрага.

„Вториот момент е: Некои чудни совпаѓања и случувања врзани за мојата лична безбедност и безбедноста на моите најблиски. Не верувам дека во ек на најголемите медиумски напади и дискредитации во ист ден имам 4 пати престигнување на две коли со странски регистрации на автопатот од Штип до Скопје. Престигнување, видливо тргање на крајна трета лента, па повторно престигнување за неколку километри и истата процедура 4 пати. Случајно истиот ден (пред два дена) насилно со отварање на прозор од тераса со штравцигер (професионално) рано навечер да се влезе во мојот дом во кој во моментот беа моето малолетно дете и мојата сопруга. Можеби е совпаѓање, но сум научил дека ретко има вакви случајности во животот. Останува полицијата да расчисти дали се работи за случајни настани и средби, обид за кражба или штази методи“, бара Марковски.

„Без разлика на резултатите едно е јасно, некој сака да ме исплаши или има сериозни намери со краен резултат: замолкнување на науката. Сакам да кажам дека без разлика дали се работи за случајни настани, обид за разбојништво, кражба или игра на нapкомани, некој треба да се погрижи да ги заштити лекарите кои се јавно експонирани за време на оваа пандемија. Мојата безбедност е директно во рацете на министерот за внатрешни работи господинот Оливер Спасовски, кој се покажа како човек кој во целост ја држи контролата и работата во МВР. Во услови на светска пандемија, со огромни економски последици, со 15 милјарди долари на ден потрошени пари во здравството во светот од кои најголемиот процент оди во некои фармацевтски компании, мислев дека министерот и/или безбедносните структури во државата по автоматизам ќе се потрудат да го заштитат својот лекар и професор кој има над 73 милиони прегледи на електронските медиуми.

Поради загриженост за безбедноста, моја, но пред сѐ на моите најблиски, ќе побарам прием кај министерот Оливер Спасовски за да ме убеди дека изнесувањето во јавност на моите сознанија за КОВИД-19 пандемијата нема да ја загрозат мојата безбедност и безбедноста на моите најблиски. До тогаш ги откажувам сите договрени интервјуа и/или емисии на тема за КОВИД-19 пандемијата“, соопшти Марковски на Фејсбук.

- Реклама -