Протести во Тетово, Гостивар и Чаир против поскапувањето на струјата

Револтот од одлуката за зголемување на цената на струјата за 7.4%, и тоа во време на пандемија, ги натера граѓаните јавно да го искажат своето незадоволство. Протести за во четврток, со почеток во 19 часот, се најавени во Тетово, Гостивар, но и паркот Чаир во Скопје.

Како што објаснуваат организаторите, покрај поскапувањето, ќе протестираат и против „неправилни услуги на енергетските компании“ кон граѓаните, но и за решавање на стариот проблем, кој, велат, досега не бил доволно решен, со цел да се спречат нacилни и paдикални реакции и однесување на одредени групи на лyти граѓани.

Како што појаснуваат од Иницијативниот совет за организирање на протестот, ќе се протестира и за укинување на регулаторното тело (Регулаторната комисија за енергетика – РКЕ), бидејќи им служи, како што велат, само на интересите на енергетските компании и корпорации, а не и на интересите на граѓаните.

„Протестот ќе реагира против монополот на услуги на компанијата EVN и нивното некоректно однесување кон потрошувачите. Исто така ќе побараме укинување на РКЕ како орган кој служи за интересите на корпорациите и компаниите кои тераат бизниси со енергетика наместо да го штити интересот на граѓаните и ќе побараме создавање на едно независно арбитрарно тело за верификација на квалитетот на услугите што граѓаните ги добиваат од енергетските компании“, вели Арианит Џафери од Иницијативниот совет на протестот.

Додека во Тетово ќе се протестира на плоштадот „Илирија“, во Гостивар, преку Фејсбук страницата „Идиокрација – Гостивар“, протест е најавен пред седиштето на EVN, исто така во 19 часот.

Во меѓувреме, освен што граѓаните бурно реагираа на социјалните мрежи, потпишуваат и петиции за поништување на одлуката за покачување на цената на струјата. Иницијативата „Млади за Македонија“, конкретно, започна онлајн петиција со наслов „Граѓанска иницијатива за укинување на покачувањето на струјата и намалување на ДДВ на 5%“, во која, очигледно, бара и намалување на ДДВ-то.

Претходно, за поскапувањето на струјата реагираа и синдикатите, граѓански здруженија, но и дел од политичките партии. Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива дури побара и намалување на цената на струјата, и тоа за најмалку 20%, со цел, како што велат, да се олесни состојбата на граѓаните додека трае ковид-кризата:

„Како земја што се стреми кон Европската унија, ние имаме обврска да се однесуваме во европски дух и да се прилагодиме на европските практики кои секогаш го ставаат граѓанинот на прво место“, велат од АА/Алтернатива.

Одлуката за зголемување на цената на струјата за 7.4% регулаторната комисија ја донесе на 31 јули. Претседателот на РКЕ – Марко Бислимовски, ја образложи со намалените приходи на енергетските компании поради кризата со пандемијата на Ковид-19.

- Реклама -