Ахмети побара да му го дадат мечот, Заев вели ги измешал лончињата

Како продолжува одбројувањето на денови до изборите, така летаат сѐ повеќе искри меѓу актуелните коалициони партнери во Владата.

„Има само една сила што може да ја испрати ДУИ во опозиција“, коментираше денеска лидерот Али Ахмети, прашан за изјавите на Заев дека ДУИ треба и ќе оди во опозиција.

„Таа сила се нејзините гласачи, Албанците во Република Северна Македонија“, продолжи лидерот на интегративците, порачувајќи му на коалициониот партнер Зоран Заев да не претерува со изјавите бидејќи „со тоа создава ситуации со кои подоцна не ќе може да се справи“.

„Ако почнам и јас да зборувам и да раскажувам приказни како Заев, тогаш ќе речам дека ДУИ ќе остане во Владата, но тој нема да биде премиер. Не се закачајте со нас, нема да ви успее“, порача Ахмети.

Заев, меѓутоа, е категоричен дека времето на уцени од ДУИ е поминато. Во интервју на ТВ „Алсат“, тој продолжи да се „закача“. Прашан за изјавата на Ахмети дека тој го направил премиер и дека по овие избори може да реши да не го стори тоа, Заев, избегнувајќи директен одговор, рече дека Ахмети многу добро знае кој носел храбри одлуки на сметка на својот рејтинг.

„Не мислам само на Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Ние сме тие кои промовиравме и искрено мислиме дека Македонија ќе биде општество еднакво за сите граѓани. Еве, нека кажат од ДУИ што тие помислиле или направиле за другите етникуми во државава освен за нивниот етникум. СДСМ има и министри и градоначалници и партиски функционери Албанци и немаме воопшто предрасуди“, рече Заев и додаде дека тој ги влечел конците во опозицијата:

„Ги знам сите среќни околности во неговите очи кога успеавме да ги постигнеме сите овие договори. Јас ги носев одлуките и јас бев лидерот на коалицијата. Така да, ја сфаќам неговата политика во моментов, но истовремено многу го почитувам како политичар и човек“.

Во интервјуто, Заев повтори дека ДУИ мора да оди во опозиција:

„17 години власт е навистина долг период, мора да заминат во опозиција. Сметам дека господинот Ахмети, во целиот овој период, ги измешал лончињата. Јас секогаш сум бил транспарентен и го разбирам Ахмети зошто мора да оди со таква политика. Треба да знаат дека денес е слобода, граѓаните знаат сѐ. На политичарите кои се враќаат кон национализмот и етничките поделби отворено им кажувам дека тоа време е завршено минато. Ние сме членка на НАТО и мораме да се европеизираме“, истакна Заев.

Ахмети, во меѓувреме, од плоштадот „Македонија“ порача дека идејата за прв премиер Албанец не е шега и дека досега не изгубил ниту една борба, зашто, како што рече, „мечот му го даваат војниците, патриотите и мисионерите“. Обраќајќи се пред присутните на плоштадот, Ахмети го побара „мечот“ и на овие избори:

„Ние оваа идеја сме ја предложиле за да ја реализираме и така ќе биде, затоа што тоа е легитимно право, неприкосновено право на Албанците. Жалам што моите колеги Македонци се однесуваат со ваква паника, зошто не излегуваат на дебата, зошто не се соочуваат со Насер Зибери. Со Насер Зибери не се соочуваат зашто им фали знаењето на Насер Зибери. Зашто тој настапува природно и ги брани интересите. Одовде барам од младите Албанци, од мисионерите Албанци, на 15 јули да ми го дадат мечот и ќе видите како ќе ги ставам во функција моите раце“.

- Реклама -