Зибери: Незнаењето на албанскиот јазик е хендикеп за граѓаните од македонската и другите заедници

СПОДЕЛЕТЕ

„Јазот помеѓу двете поголеми заедници во нашата земја е меѓу другото – освен предрасудите, освен политиките – и фактот што двете заедници не комуницираат доволно“, вели Насер Зибери во интервју во „Трилинг“ на „ТВ24“, прашан како ќе ги научи сограѓаните Албанци, особено помладата генерација, да го зборуваат македонскиот јазик во најмала рака на добро ниво, со оглед дека тој е еден од ретките политичари Албанци што одлично го познаваат македонскиот и притоа е  кандидат за прв премиер Албанец чија една од главните заложби е задолжително изучување на албанскиот јазик во основното образование, за сите.

„Учењето на албанскиот јазик од основно образование кај неалбанското население мислам дека е потреба за подобро да се запознаеме, подобро да комуницираме, подобро да функционираме. Верувајте ми дека за граѓаните од македонската, и не само македонската заедница, е хендикеп незнаењето на албанскиот јазик и тоа се чувствува секој ден“, одговара Зибери.

„Ние градиме општество во кое сите ќе се чувствуваат еднакво рамноправни, а тоа подразбира подобра комуникација, подобро запознавање. Албанците го владеат македонскиот јазик. Се разбира не на ниво на кое би го посакале, но затоа едно од прашањата на кои се осврнувам е подобрување на квалитетот на изучувањето на македонскиот јазик во образовниот процес кај Албанците. И не само кај Албанците. Но, во исто време изучување и на албанскиот јазик кај Македонците и другите заедници, за да може да бидеме компатибилни и прогресивни“, вели Зибери.

Веднаш потоа, тој беше прашан дали смета дека е во ред лидерот на ДУИ Али Ахмети да избегнува да го зборува јазикот на државата во која живее (ТУКА).

- Реклама -