Нова доминантна верзија на коронавирусот – најмалку три пати позаразна, но не и поопасна

Глобална студија објавена во научниот магазин Cell.com, најде силни докази дека нова форма на коронавирусот се проширила од Европа кон САД, објави CNN.

Според меѓународниот тим научници, новата мутација ја зголемува веројатноста од зараза, но, по сѐ изгледа,  не предизвикува потешка клиничка слика кај пациентите во споредба со претходните варијации на вирусот.

„Тоа е сега доминантната форма која заразува луѓе. Оваа е сега вирусот“, вели Ерика Олман Сафир од Институтот за имунологија La Jolla и Coronavirus Immunotherapy Consortium.

Новата мутација научниците ја нарекуваат G614, односно G варијанта (ќе ја пишуваме со здебелен фонт, за полесно да се разликува), додека првата верзија што се рашири низ Европа и САД ја нарекуваат D614 (D варијанта).

Студијата се надоврзува на претходната работа на тимот која беше објавена во нацрт верзија, кога споделените информации за генетските секвенци сугерира дека одредена мутирана верзија на вирусот почнува да преовладува. Сега тимот не само што испитал повеќе генетски секвенци, туку направиле и експерименти со луѓе, животни и клетки во лабораториски садови. Резултатите покажуваат дека мутацијата ја направила новата варијанта на вирусот поприсутна и придонела таа побрзо да се шири од онаа старата, на што сугерираат глобално следените податоци.

Мутацијата го афектира клинестиот (spike) протеин кој вирусот го користи за да навлезе во клетките и да се закачи. Во моментов тимот проверува дали оваа мутација ќе има ефект врз тоа дали вирусот може да биде контролиран со вакцина, со оглед дека вакцините кои се тестираат во моментов го таргетираат токму spike протеинот.

Поголемата заразност без зголемена патогеност на G614 во однос на претходникот, може да е добра вест, бидејќи постои надеж дека со ширењето на вирусот SARS-CoV-2 може да стане помалку патоген, вели Лоренс Јанг – професор по медицинска онкологија на британскиот Универзитет во Варвик кој не е инволвиран во студијата.

ТРИ ДО ДЕВЕТ ПАТИ ПОЗАРАЗЕН

G614 се чини дека се размножува побрзо во горниот респираторен тракт – носот, синусите и грлото – што објаснува зошто би се пренесувала полесно од нејзиниот претходник.

Од друга страна, тестирањата на 1.000 хоспитализирани пациенти од Ковид-19 во Британија покажале дека заразените со G614 не поминуваат забележливо полошо од заразените кои ја фатиле оригиналната D614 варијанта.

И лабораториските тестирања потврдуваат дека G614 е во подобра кондиција во поглед на ширењето од D614.

„Сите резултати се согласни дека G варијантата е три до девет пати позаразна од D варијантата“, вели Давид Монтефиоре од Универзитетот Дјук, кој е директор на Лабораторијата за истражување и развој на вакцина за СИДА.

 

„Без оглед дали овие наоди за побрзата трансмисија на новата варијанта ќе бидат конечно потврдени, ја потенцираат вредноста на она што веќе беа добри идеи: да се носи маска и да се одржува социјалната дистанца“, вели биологот Бете Корбер, чии анализи на генетските секвенци се совпаѓаат со лабораториските резултати на Монтефиоре и нивните тимови.

Добра вест е и дека конвалесцентната плазма е подеднакво, па дури и нешто поефективна против новата мутација отколку оригиналната D614 форма.

Потребна е уште работа и уште истражувања за да се зацврстат овие откритија, но заклучокот на Сафир е дека со оваа мутација сме имале среќа. Сепак, тоа не значи дека вирусот не може да развие нова мутација со која би растел побрзо и до повисоки нивоа (токму од тоа стравувале кога ја испитувале G614) и со тоа би бил потребен повеќе имунитет за да биде неутрализирана, затоа научниците продолжуваат будно да го следат вирусот, уверува таа.

 

- Реклама -