Бачев најавува уставни измени: Иванов не беше Македонец, Заев не беше православен, Џафери ниту Македонец ниту православен

„Трите клучни функции во државата, како во сиот нормален свет на запад, мора да се православни Македонци. Наша прва задача во Парламентот ќе биде да направиме промена на Уставот и законот со кој ќе се предвиди дека највисоките државни функции премиер на државата, претседател на државата и претседател на Собранието мора да ги водат православен и Македонец“, најави Јанко Бачев, лидер на „Единствена Македонија“, кој ја предводи коалицијата „Никогаш северна – само Македонија“.

Според Бачев, ваквата заложба – која ја претстави како стратешки чекор на коалицијата, не треба да биде погрешно разбрана и не претставува никаков шовинистички испад:

„Во втор и трет ешалон слободно можат да бидат припадници на другите националности“, рече тој.

Ваквата заложба, Бачев ја оправдува со тврдењето дека, според него, ова било пракса во сите западни и развиен демократии, а посебно во монархиите:

„Пример е Англија. Таму без проверка на нивната служба за безбедност, кој го испитува секој кандидат за премиер наназад до четврто колено неможе да биде премиер“, вели тој.

Од друга страна, во Македонија, оценува Бачев, сме имале поразителна ситуација каде ниту еден од луѓето на најважните три функции не ги задоволувал условите:

„Во 2017 кога дојде до промена на власта, видете ги трите битни функции:

– Горѓе Иванов беше претседател на државата, тој не е Македонец, ама е православен.
– Зоран Заев како премиер беше Македонец, а не е православен.
– Талат Џафери не е православен и не е Македонец.

Имавме поразителна ситуација највисоките државни функции да не ги водат Македонци и православни“, истакна тој, повикувајќи го народот масовно да излезе на гласање на 15 јули.

- Реклама -