Заев: За првпат државата дава пари директно кај граѓаните

СПОДЕЛЕТЕ

Владата покажа сериозна подготвеност во справување со економските последици предизвикани од коронавирусот, оценува претседателот на СДСМ – Зоран Заев, во видео обраќање до граѓаните по повод домашните платежни картички.

„Во тек е реализацијата на третиот пакет економски мерки кои имаат за цел зајакнување на јавната и приватната потрошувачка и заживување на нашата економија. Концептот ’Парите кај граѓаните’ дополнително се проширува

За првпат државата дава пари директно кај граѓаните со цел да ја зголеми куповната моќ и да ја стимулира приватната потрошувачка. На овој начин поддршката стигнува до сите оние на кои им е потребна“, вели Заев.

Тој уште еднаш повтори дека невработените лица и примателите на социјална помош добиваат финансиска помош од 9.000 денари, а вработените со примања до 15.000 денари месечно и младите од 16 – 29 години – финансиска помош од 3.000 денари, упатувајќи ги граѓаните да ја посетат веб страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk за да се информирате за дали ви следува картичка, нејзиниот паричен износ и постапката на издавање.

„Граѓаните не треба да аплицираат за домашната платежна картичка и за истата нема да имаат никакви трошоци.

Овие средства можете да ги искористите во угостителски објекти, продавници за храна и пијалаци, маркети и зелени пазари, аптеки, бутици и онлајн продавници.

Со ова вие директно ѝ помагате на економијата, им помагате на вашите сограѓани кои работат и вработуваат други лица.

Ова е само една од низата мерки за градење нова, развојна македонска економија, и стимулирање на заштита, промоција и раст на домашната економска понуда.

Со брза и ефикасна трансформација, побрзо и полесно ќе се справиме со последиците и повторно ќе се вратиме на очекуваните стапки на раст на економијата“, порача лидерот на владејачката СДСМ.

- Реклама -