Граѓаните избираат, ама не одлучуваат: „ДУИ одлучи Заев, а не Груевски, да биде премиер во 2016-та“ – вели Османи за „Слободен печат“

Прашањето за прв премиер Албанец ДУИ не го постави преку ноќ, туку е важно парче од стратегијата на интегративците, претставено од Ахмети уште во 2009 година, за постигнување на целосна еднаквост во државата, вели вицепремиерот Бујар Османи во интервју за „Слободен печат“.

Прашан од каде се толку самоуверени ДУИ и Ахмети за категорично да тврдат дека времето е дојдено на овие избори, и дали некој им гарантирал или „потшепнал“, Османи одговара дека тоа е стратешка одлука и дека тоа е истата категоричност со која партијата ги ветила и сите други функции на кои се поставени Албанци, а порано биле „недопирливи“ за нив.

Во интервјуто, Османи ги адресираше и реакциите на македонските партии, испраќајќи чудна порака дека, парафразирано, граѓаните одлучуваат, ама па и не баш:

„Ние ги слушнавме изјавите дека граѓаните одлучуваат кој ќе биде премиер, а не партиите. Морам да кажам дека граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер. ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер! Така што, прашањето на формирање влади е, пред сè, прашање на политички компромис. Влада формира тој што обезбедува мнозинство, а не тој што добива најмногу гласови. Тој што кај претседателот ќе обезбеди 61 пратеник и ќе го добие мандатот. Ние сметаме дека се созреани условите 2020 година да го добиеме првиот премиер Албанец“, вели Османи, додавајќи дека со тоа ќе биде срушена последната тврдина на отпор кон еднаквоста и срушен етничкиот монопол и дека со тоа државата нема да изгуби ништо, а само ќе добие во својот унитарен карактер. Целото интервју ТУКА.

- Реклама -