Уште 3 нови, вкупно 70 потврдени заразени; Пациенката на респираторна машина е во многу критична фаза

СПОДЕЛЕТЕ

Вкупниот број на заболени од коронавирус во светот се искачи на околу 250.000, а Светската здравствена организација посочи на брзо ширење на вирусот. Само во последните 12 дена бројот на заболени е зголемен за 100.000. За споредба, за првите 100.000 беа потребни околу 3 месеци. Во последните 24 часа бројот на заболени е зголемен за 16.556, а бројот на пријавени cмpтни случаи е зголемен за 828.

Како што истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешниот редовен прес, овие бројки и новите состојби биле дискутирани и на состанокот на Комисијата за заразни болести одржан утрово. На состанокот било одлучено да се обединат капацитетите на двете лаборатории – таа на Институтот за јавно здравје и таа во клиниката „Жан Митрев“, од која последниве денови произлегуваат сѐ повеќе позитивни случаи.

Филипче информираше дека денеска вкупно се направени 43 тестирања. Од нив позитивни се тројца пациенти, со што бројот на потврдени случаи на Ковид-19 во земјава се искачува на 70 (откако денеска до 10 часот беа соопштени уште 19 нови случаи).

Една од тројцата позитивни е пациентка која патувала во Србија. Друга е бабата на девојчето од Штип, а третиот е од Скопје.

Градови во кои има потврдени пациенти сега се: Скопје, Дебар, Гостивар, Штип и Охрид, посочи Филипче.

Тој истакна и дека состојбата на сите пациенти е релативно стабилна, со лесна до средна клиничка слика. Исклучок е пациентката која беше ставена на респираторна машина и засега е единствената на механичка вентилација. Од синоќа, информираше Филипче, таа се наоѓа во многу критична фаза. Се прават сите напори за подобрување на нејзината состојба.

Кај речиси сите останати пациенти состојбата е непроменета и вчера е направена домашна визита, која денес ќе се заврши и кај преостанатите, рече министерот. Тој посочи дека има пациенти и кои избираат да се лекуваат дома, а тоа нивната состојба го дозволува, и дека за овие случаи е изработен алгоритам од стручните лица од Клиниката за инфективни болести.

Од денеска, пак, прес-конференциите во Владата се одвиваат преку онлајн стрим, со цел заштита на новинарите и снимателите.

- Реклама -