Русите и по 12 години сѐ уште ја следат торбата што американска астронаутка случајно ја испушти во вселената (ВИДЕО)

Се следи буквално секое парче вселенски отпад во вселената, соопштуваат од Главниот центар за извидување на ситуацијата во вселената, во состав на Воздушно-космичките сили на Русија.

Сите објекти на вселенскиот отпад се каталогизирани и се под надзор на Контролата на вселенскиот простор, велат од Центарот. Меѓу нив, потенцираат експертите, е и торбата што пред речиси 12 години ѝ одлета на американската астронаутка на НАСА – Хајдемари (нагалено Хајди) Стефанишин-Пајпер, при вселенската прошетка во времетраење од 6 часа и 52 минути, во која заедно со астронаутот Стив Боувен извршија низа поправки на Меѓународната вселенска станица.

Како што соопшти началникот на одделението за борбени алгоритми и програми на Главниот центар за извидување на ситуацијата во вселената – Роман Фатахов, Русите сѐ уште ја следат торбата.

„Една од американските астронаутки ја изгуби торбата кога излезе во отворената вселена. Сите овие објекти се наоѓаат забележани во нашиот регистар“, истакна Фатахов во емисија на ТВ-каналот „Ѕвезда”, пренесува „Руска реч“.

Прочуената вселенска прошетка, односно EVA (Extravehicular activity), се случи во 2008 година. Во торбата со инструменти на Стефанишин-Пајпер дојде до протекување на маслото од пиштолот за подмачкување. Додека Хајди ги чистеше инструментите, торбата ѝ одлета во отворената вселена. Стефанишин-Пајпер потоа мораше да ги користи инструментите на својот колега.

Сето тоа е документирано и на видео, кое и денес може да се најде по интернет/YouTube. Торбата можете да ја видите на 1:43 во видеото:

- Реклама -