Русјаков: Три става за „Медена земја“ што не ги очекував од интелигентни луѓе

СПОДЕЛЕТЕ

Александар Русјаков за „Нова Македонија“, извадок од колумната „Немав намера да пишувам за Медена земја“

… Филмот прво доби пари од агенцијата за филм во времето на ВМРО-ДПМНЕ, потоа дојде СДСМ, поништи конкурс, распиша нов и повторно му додели пари. Значи, океј е дечки, и едните и другите сте го препознале. Е, ама, најголемиот дел од парите, и странски и домашни, филмот го доби откако речиси беше готов. Тоа значи дека авторите целиот процес го изнеле на сопствениот талент. Затоа оставете ги да уживаат во успехот.

Се изначитав секакви коментари. Океј, си реков, Фејсбук е тоа. Ама, па, повеќето беа ко јас да фатам да објаснувам нуклеарна физика или како се нижат пиперки на Фибоначиеви низи. Три става не очекував од интелигентни луѓе. Еве ги! Номинациите за „оскар“ се со цел Академијата да ја промовира Северна Македонија. Уште еден филм што ја прикажува Македонија во негативно светло. А каде се во филмот Македонците? Ќе одговорам на трите дилеми.

Номинации за да се промовира Северна. Хм, да знаете како се стига до номинација, колку илјади луѓе има Академијата, кои се начините тие луѓе да ти го гледаат филмот, нема да зборувате така. Јас мислам сосема спротивно. Да немаше номинации за најнаградуваниот филм на годината во светот, ќе беше голем срам. Но, еве, ова блесаво тврдење да е точно, тоа значи дека и Санденс, Бостон, Охајо, Денвер, Далас, Тел Авив, Барселона, Грузија, Хонгконг, Варшава, Минск, Мумбај, Санкт Петербург, Сао Паоло, Валјадолид и Ванкувер, исто така сакале да ја промовираат Северна, бидејќи на овие фестивали „Медена земја“ освои награди. Можеби овие фестивали низ светот, каде што ви гарантирам дека немаат слушнато за нашите проблеми, сакале да ја промовираат Северна затоа што не виделе во Македонија да се крене народен бунт, откако корумпираната власт ја збриша референдумската волја на народот. А? Ви се допаѓа оваа теза?

Драги мои, па и вие, со секое излегување од државава, носејќи печат на Северна Македонија во пасошот, ја промовирате.
Е, ај сега да не патуваме!
Е, ај сега да не правиме уметност!

Одиме понатаму. Уште еден филм што ја покажува Македонија во негативно светло. Стварно? Е, како така кога во Македонија сите се убави, паметни и богати, па живеат среќно до крајот на животот. Ете, некој ги советува авторите да прават филм за прблемите на реалните и нормалните луѓе. Оти Атиџе не е реална и нормална. На пример, можеле да снимат филм за реалниот проблем на луѓето во која кафеана да седнат додека во Собрание им ги менуваат името и идентитетот, за потоа да ни објаснат дека тоа веќе го договориле посилните. А не филм за некоја Атиџе, која нема ни кафеана, ни Фејсбук. А ха, циничен сум. Оти филмот воопшто и не зборува за Македонија. Ниту Атиџе се жали на сопствениот живот. Напротив, изгледа крајно среќна со пчелите. На прашањето што најмногу ѝ се допадна од престојот во Њујорк, одговори верверичките што ги хранев во паркот. О да, знам, не сте научени некој што ја нема вашата удобност, да биде задоволен од она што го има. И да, „Медена земја“ е филм за поединецот и природата, а не за државата и економската состојба во неа. Ставот на Саше Политико дека „Медена земја“ нè оддалечува од ЕУ-интеграции затоа што сме прикажани грозно, нема да го коментирам… Целата колумна прочитајте ја ТУКА.

- Реклама -