Home 365 Денес Пратениците изгласаа независност на пратеничката служба

Пратениците изгласаа независност на пратеничката служба

0
Пратениците изгласаа независност на пратеничката служба

Собранието на денешната 130-тата Седница, со огромно мнозинство го изгласа Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Собранието.

Измените на Законот за Собрание, коишто обезбедуваат финансиска самостојност и независност на собраниската служба, ги предложија претседателот на Собранието Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи на:

Социјалдемократскиот Сојуз на Македонија, Демократската унија за интеграција, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За Подобра Македонија“, Алијанса за Албанците, Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Подобра Македонија, Демократската партија на Албанците, БЕСА, АЛТЕРНАТИВА, а поддршка дадоа и сите пратеници во законодавниот дом.

Овој парламентарен состав ќе биде запаметен како состав кој реализирал една од стратешките цели во Стратешкиот план 2020-2022 на Собранието, каде што е утврдена целта за постигнување на „Напредни и ефикасни услуги и собраниска служба“, што се очекува да се постигне преку независна и ефикасна собраниска служба и вреднувани службеници, почитувајќи ги принципите на професионална администрација и систем на заслуги.

На овој начин, преку финансиска и административна независност, се создаваат услови Собранието како претставнички орган на граѓаните, кој е носител на законодавната власт, но и врши политичка контрола на работата на извршната власт, ефикасно, темелно и целосно независно да ги извршува овие значајни функции.

Имајќи на ум дека Собранието е во постојано заседание, тоа наметнува специфичности во извршувањето на работите и задачите и условите за работа на вработените во Собранието, како и нивна постојана достапност во давање на стручна и административна поддршка на пратениците во извршувањето на нивната функција. Иако постоеше разбирање за специфичноста на работата на собраниската служба, сепак долги години тоа прашање не се ставаше на преден план. За огромна почит е визијата, упорноста и решителноста на претседателот Џафери, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, поддршката на пратеничките групи од овој собраниски состав, разбирањето од страна на Владата, Министерството за финансии и Министерството за информатичко општество и администрација.

Голем придонес и поддршка во исполнувањето на оваа цел дадоа и долгогодишните искрени и посветени партнери и пријатели на законодавниот дом, односно Швајцарската конфедерација, швајцарската Амбасада и тимот од Националниот демократски институт, Центарот за управување со промени, како и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, кои ја спроведуваат „Програмата за парламентарна поддршка“ и чија поддршка, почнувајќи од Планинските разговори во Берово, преку мноштвото студиски посети и работилници го консолидираа патот кон обезбедување на вистински независно, реформирано Собрание. Во Собранието се создаваат механизми за балансирано управување и контрола на сите постапки и знаеме дека ќе успееме да бидеме вистински дом на демократијата и демократските процеси. Службата на Собранието е носител на институционалната меморија и таа ќе биде тоа секогаш, за сите парламентарни состави, независна, непристрасна, професионална и стручна и таа ќе продолжи и понатаму и уште поревносно да ја оправдува довербата и одговорноста што и е дадена.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here