Османи настојува за албанскиот јазик: „Непристрасни корекции во Законот за употреба на јазиците“

СПОДЕЛЕТЕ

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи вели дека Венецијанската комисија ја поздравила и позитивно ја оценила проширената употреба на законот за јазиците во РСМ. За употребата на двојазичноста во судството, Османи вели дека сега е во раце на Владата да оцени дали земјава има капацитет да го спроведе истиот. Дилема за употреба на двојазичноста постои за банкнотите и униформите на Армијата. Според Османи, Комисијата оценила дека употребата на два или повеќе јазика на банкнотите е во рамки на меѓународните норми.

„Венецијанската комисија констатира дека употребата на албанскиот јазик на банкнотите е целосно во рамки на меѓународните форми и спомнаа неколку земји каде двојазичноста се употребува на банкнотите, вклучувајќи го тука и самото евро кое е на два јазика, во Грција и со кирилица и со латиница, потоа Кипар, и Израел каде банкнотите се тријазични“, рече Османи.

Вчера, премиерот Заев рече дека законот ќе биде разгледан но Османи настојува законот за употреба на јазиците не смее да трпи пристрасни корекции. Меѓу другото, апелира да не се користи за политички поени.

„Мојата порака е многу јасна во тој правец, ниту еден обид, ниту анализа, проценка или корекција која ќе биде пристрасна не смее да се случи, бидејќи тоа ќе ја поткопа базата врз која се темели балансот на македонско – албанските односи во земјава. Дебатата не треба да биде партиска, политичка, и надвор од влијанието на изборите и добивањето политички поени“, изјави Османи.

Радмила Шеќеринска од СДСМ вели дека се уште не го прочитал целосно текстот со заклучоци, но верува дека решението ќе биде во интерес на сите. Шеќеринска додаде дека коалициски партнер ќе го поддржат до крај носењето на овој закон.

Од ВМРО-ДПМНЕ бараат законот да се повлече веднаш и сите страни да седнат и да подготват еден закон, а да учествуваат сите етнички заедници во Република Македонија.

Алијанса за Албанците и движење Беса вчера истакнаа дека Албанците не се малцинство и дека албанскиот јазик треба да се уреди повторно со Устав. Инаку, официјалниот извештај на Венецијанската комисија за Законот за јазиците ќе биде објавен утре.

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ