Антикорупциска комисија ги чешла анкетните листови на обвинителите од СЈО

Државните функционери имаат законска обврска да ја пријават својата имотна состоба во рок од 30 дена по стапување на должност, секоја промена за време на мандатот, но и по престанок на вработувањето. Со анкетниот лист се опфаќа недвижен имот, подвижен имот, хартии од вредност и удели, побарувања, долгови, банкарски депозити, друг имот и други приходи, графа што се однесува на хонорари што се надвор од редовната плата.

Антикорупциската комисија ги отвораат сите анкетни листови за имотната состојба на поранешните специјални јавни обвинители и промените што ги пријавувале во последниве години. Претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, за „А1он“ тврди дека секоја промена во нивниот имот, вклучително и надоместоците, требало да бидат уредно пријавени во нивните анкетни листови.

-„Во анкетните листови за имотната состојба постои графа за ‘други приливи’. Тука се пријавува доколку да речеме некој функционер зема хонорари надвор од платата, доколку изнајмува стан и зема кирија и слично. На овој начин обвинителите од СЈО требало да ги пријават надоместоците што ги земале надвор од платата. Патем, тоа е суштината и на анкетните листови, транспарентно прикажување на имотната состојба на сите избрани и именувани лица“, вели Ивановска.

Но, ако се разгледаат анкетните листови на сите поранешни обвинители од СЈО, се согледува дека никој не пријавил дека земал надоместоци од речиси 20 илјади евра годишно, надвор од редовната плата. Надоместоците во случајов биле повисоки од основната плата на обвинителите, а тие ги земале како додаток за доверливост, односно да не откриваат што чуле во „бомбите“.

Јавноста неодамна преку базата „Отворени финансии“, дозна дека обвинителите во СЈО земале бонуси за доверливост за слушнатото во т.н. „бомби“ од прислушуваните разговори. Најмногу пари, според алатката, за изминатите четири години легнале на сметка на обвинителката Катица Јанева (157.000 евра). Останатите суми во топ 6 се движат меѓу 70.000 и 107.000 евра што е неколкукратно повеќе од основната плата на обвинителите.

Повеќе на А1он.

- Реклама -