Честитки од Пендаровски и Заев за Денот на албанската азбука: 111 години заедно растеме, учиме и се развиваме

„Заедно растеме, учиме, се развиваме, 111 години. Честит Ден на албанската азбука!“, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук, споделувајќи видео честитка по повод празникот на граѓаните од aлбaнcката заедница.

„Создавањето на азбуката и кодифицирањето на еден јазик е еден од најзначајните чекори на самоидентификација на еден народ. 22 Ноември е значаен ден за албанскиот народ, но и за цела Република Северна Македонија, бидејќи на овој датум во 1908 година, албанските интелектуалци на конгресот во Битола донесоа одлука за унифицирање на албанската азбука. Со ова практично се поттикна политичкото, културното и образовното издигнување на Албанците“, напиша, пак, претседателот Стево Пендаровски, во соопштението по повод празникот.

„Прославувајќи го овој празник, ние како современо, мултиетничко и мултикултурно општество, ги потврдуваме нашите заложби за градење на едно општество за сите и подобра и посветла иднина за секој наш граѓанин. Почитувањето и вреднувањето на меѓусебните разлики е она што нè зближува, обединува и нè прави единствени во справувањето со предизвиците.

Затоа, во оваа прилика, сакам на албанската етничка заедница да ѝ го честитам Денот на азбуката, а на сите граѓани на Република Северна Македонија да им порачам дека вистинскиот пат на градење на европска држава се почитта, соработката и заедништвото. Нека ни е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука“, порачува Пендаровски.

Од 14 до 22 ноември 1908 година, десетици албански интелектуалци и научници, делегати од Албанија и албанските здруженија и клубови од целиот свет, се состанале во Битола. Прифаќајќи ја латиницата, со извесни промени, адаптирајќи 36 букви на албанскиот јазик, тие ја создале албанската азбука. Оттаму, 22 ноември се слави како Ден на албанската азбука.

- Реклама -