Училиште забранило употреба на мобилни телефони, но оваа забрана се однесува за родителите

СПОДЕЛЕТЕ

Училиште во Велика Британија упатило апел до родителите да престанат да ги користат мобилните телефони додека се со своите деца на јавните игралишта, со цел да им посветат повеќе време. Венди Кети, директор на основното училиште „Свети Петар“ во Ли, издејствувала игралиштето во околината на училиштето да биде зона во која нема да се користат мобилните телефони. Намерата е да се охрабрат родителите да ги слушаат своите деца на крајот од денот.

Во објава на социјалните мрежи од училиштето прашале: „Колкумина од вас се толку обземени од разговорот со своите пријатели преку телефоните што забораваат да го прашаат своето дете како го поминало денот? Да му се насмеат или да го прегрнат?“

Од училиштето се надеваат дека оваа одлука ќе помогне да се подобри менталното здравје на децата и да се развие нивниот вокабулар. „Ве молиме одвојте момент да го сослушате своето дете и да зборувате со него. Моќта на зборувањето има големо влијание врз развојот на јазикот кај нашите деца“, стои во објавата на училиштето на „Фејсбук“.

Директорката додала: „Навистина се нервирам кога ќе ги видам родителите како телефонираат додека нивните деца се обидуваат да се видат со нив. Некогаш дури и не се поздравуваат, туку само продолжуваат да се движат“.

Подобрувањето на менталното здравје е приоритет на училиштето, а оваа година за учениците се достапни и јога-часови.

Директорката изјавила: „На крајот, училиштето ни припаѓа нам, па ова се нашите правила, љубезно ќе побараме и ќе се надеваме дека пораката ќе се прошири понатаму. Голем број истражувања укажуваат колку зборувањето со луѓето прави да се чувствуваме подобро. На крајот на краиштата, се работи за деца и додека тие се наша грижа, во таа насока ќе работиме. Уште е рано да се каже каде ќе нè одведе ова, ќе видиме. Но, мораме барем да се обидеме“.

Извор Деца.МК

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ