„Фајненс тинк“: Администрацијата расте, сработеното се намалува

СПОДЕЛЕТЕ

Проблемот со администрацијата не е дека таа е премногу обемна, туку во тоа што (не) го сработува, покажува истражувањето на Институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.

Во периодот меѓу 2011 и 2018 година, како што покажува инфографикот од истражувањето, бројот на вработени постојано расте и во 2018-та бил за 17.2% поголем отколку во 2011-та. Толку отприлика пораснала и вкупната вработеност во економијата, поточно 17.6 отсто.

Проблемот, како што посочува „Фајненс тинк“, е што и покрај зголемувањето на обемот на администрацијата, во истиот овој период доаѓа до значителен пад на нејзиниот квалитет. Од 2011-та до 2018-та, продуктивноста на администрацијата опаднала за дури 13.3 отсто. Главната причина за тоа останува да биде „вработувањето и напредувањето без почитување на принципот на квалификации, компетенции и заслуги“, велат од „Фајненс тинк“.

Институтот предлага неколку решенија:

– Воведување сеопфатен систем на евалуација во кој секој вработен се оценува од надредени, “врсници”, подредени и клиенти и се формира композитна оценка

– Воведување повеќе скалила во службата, со драстична разлика во платата меѓу крајните скалила

– Отежнување на унапредувањето (клучна улога да има композитната оценка)

– Олеснување на деградацијата (клучна улога да има композитната оценка)

– Закон за висока раководна служба со комисии од надворешни чинители за спроведување интервјуа со кандидати за неполитички функции (позитивен пример е изборот на Антикорупциската комисија)

– Воспоставување неколку филтри на евалуација при вработување службеници, од кои најмалку еден е целосно независен од институцијата што вработува

 

- Реклама -