„Реформите се ценат“, државниот врв се заблагодари: Данке, Дојчланд!

„Поддршката од германскиот Бундестаг за отворање на преговорите за членство со С. Македонија и Албанија е важен сигнал. Одлуката го подвлекува значењето кое Западниот Балкан го има за ЕУ“, порача германскиот министер за надворешни работи – Хајко Мас, во соопштението веднаш по гласањето во Бундестагот, каде германските пратеници со големо мнозинство ѝ одобрија на германската влада да го поддржи почетокот на преговорите на Северна Македонија со Европската унија.

„Истовремено јасно се става до знаење дека реформите се ценат. Обете земји мораат да ги продолжат реформските напори, за да го продолжат патот кон ЕУ. Јас сум убеден дека условениот пристап на Бундестагот ќе убеди и други во ЕУ да го одобрат почетокот на преговорите“, додаде Мас.

Државниот врв, на кого очајно му требаше ваквата одлука, побрза да се заблагодари. Прв тоа го направи вицепремиерот за европски прашања – Бујар Османи, кој лично го следеше гласањето во Бундестагот.

По него се огласија и претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров.

„Данке, Дојчланд“, напиша Пендаровски соопштувајќи ја добрата вест за зеленото светло на Бундестагот за преговорите на земјава со ЕУ:

„Прекрасна вест од Берлин“, напиша премиерот Заев, заблагодарувајќи им се на сите пратеници во Бундестагот и на владиниот тим на канцеларката Ангела Меркел. Тој потсети дека признанието за граѓаните и институциите на земјава, како и за сите владини одлуки, напори и успеси, се очекува во октомври, кога земјите членки на Унијата треба да донесат конечна одлука за тоа дали Македонија ќе започне преговори за членство. Поддршката од Бундестагот, во меѓувреме, претставува голем поттик за Владата и таа ќе продолжи да работи уште повеќе, додаде Заев.

Димитров, на Твитер, се огласи и на Германски. Според него, со „силното зелено светло“ Бундестагот покажал вистинско лидерство. „Препознавајќи ги постигнувањата на Северна Македонија, нѐ охрабри да продолжиме да туркаме напред и да бидеме подобри. Ние исполнивме, вие исполнивте, и ќе продолжуваме да исполнуваме“, напиша Димитров.

- Реклама -