Сопственик морал да го затвори ресторанот зашто сите 26 вработени истовремено му дале отказ

СПОДЕЛЕТЕ

Ресторан во градот Трој, во сојузната држава Њујорк, САД, бил приморан да ги затвори вратите откако целиот персонал истовремено му врачил оставка на сопственикот Кевин Блоџет, поради низа меѓусебни долготрајни конфликти.

Одмаздата се случила порано месецов, кога 26-те вработени во паб-ресторанот „The Shop“ на Блоџет му оставиле порака напишана со креда на таблата во ресторанот, која гласела: „Биди подобар“.

Спорот со сопственикот се водел по неколку прашања, но пред сѐ поради платите. На почетокот на септември, фирмата задолжена за платите – „MyPayrollHR“, одненадеж била затворена, па банката со која соработувала автоматски ги повлекла исплатите кои веќе биле уплатени на сметките на вработените. Според „Times Union“, поради таквиот потег дел од работниците останале со „минимално или негативно салдо“, што предизвикало значителни проблеми.

Од друга страна, Блоџет воопшто не се појавил во ресторанот, ниту пак остварил било каква директна комуникација со персоналот, тврдат вработените. Наместо тоа, наводно преку порака му рекол на менаџерот Џаред Бартон вработените да ги упати проблемот да го решаваат со банката. Со тоа уште еднаш покажал неспособност да ги води луѓето, вели менаџерот.

Мотото на ресторанот било „Работи вредно и остани скромен“, откриваат вработените, иако, според нив, сопственикот ретко се појавувал во ресторанот, иако живеел во станот над него.

Меѓутоа, проблемот со банката само ја прелил чашата. Таа била полна од претходно, кога минатиот месец неколку вработени откриле дека им се намалени платите, па почнале да бараат нова работа. За тоа ги известиле и другите вработени во ресторанот.

„Гледав како неговото однесување се влошува до степен кога едноставно веќе не беше присутен на работа, а и кога беше, беше нacилен, посебно кон Џаред и Рич“, вели екс-вработениот Џош Џејмс за „Times Union“.

Блоџет, од друга страна, демантира дека бил нacилен:

„Кога имате работа со куп миленијалци кои мислат дека ги имаат сите тие од господ дадени права, морате да ги држите во ред. Јасно им дадов до знаење дека можат да дадат отказ ако не им се допаѓа. Но тие заработуваа толку добро што не даваа отказ“, вели сопственикот, несфаќајќи ја иронијата во неговата изјава.

- Реклама -