Јанева може да тужи и да бара надомест за одлуката за разрешување?

На адвокатката на Катица Јанева – Ирена Фрчкоска (сопруга на Љубомир Фрчкоски, патем), не ѝ е познато по кој основ Советот на јавни обвинители донел одлука за разрешување на Јанева од функцијата Специјален јавен обвинител, како и по која основа денеска донесе одлука со која Јанева останува без работа и во основното јавно обвинителство во Гевгелија. Во интервју за „ТВ21“, Фрчкоска најави можност, согласно член 19 од Законот за СЈО, Јанева да поднесе тужба за разгледување на одлуката за разрешување и да побара надомест за таквата одлука.

Во однос на мерката притвор, од која деновиве навршуваат 30 дена, Фрчкоска најавува дека ќе бараат укинување и замена со поблаги мерки, а како гаранција, најави, ќе биде понуден недвижен имот на Јанева. Фрчкоска го потврди и она за што јавноста веќе беше информирана; дека со самото тоа што Јанева веќе не е специјален обвинител и не може веќе да ја злоупотребува својата функција, отпаѓаат дел од основите по кои ѝ беше одредена мерката притвор.

Во интервјуто, Фрчкоска категорично ги демантираше и шпекулациите дека писмата на Јанева делумно биле пишувани на компјутер. Целото интервју погледнете го ТУКА.

 

- Реклама -