Генералот во пензија сака германската авијација повторно да ја покаже силата, како во 1999-та врз Србија

Германскиот генерал кој командуваше за време на НАТО бомбардирањето на Србија сака нова политичка мисија во која германските авиони повторно ќе се наоружаат со бомби и ќе покажат што знаат и умеат, „слично како во 1999-та“, пренесуваат српските медиуми.

„На своите пилоти им реков: Зад вас стојат германскиот парламент и германскиот народ“, раскажува пензионираниот Јохен Бот во интервју за „Bild am Sonntag“, зборувајќи за одговорноста која офицерот ја носи кога ги праќа своите војници во мисија од која можеби нема да се вратат: „Како војник, морате да прифатите дека некои од вашите соборци нема да се вратат живи. За среќа, од таа мисија сите се вратија живи и здрави“.

Генералот ја критикува денешната состојба во германската војска, која, според него, со реформите од 2010-та година е доведена во состојба на неприправност:

„Јас денес, заедно со војниците од Бундесверот и нашите ‘Торнадо’ авиони, веднаш би тргнал во слична акција. Но исто така морам да признаам, на војската денес не ѝ оди баш најдобро“, вели Бот, додавајќи дека без помош од САД, Германија не би била способна сама да се одбрани во случај на напад од, на пример, Русија.

Бот не го крие ставот дека таквата ситуација, како и лошата состојба на германската војска во рамките на НАТО, е производ на тоа што Германија не ги одвојува предвидените 2% од БДП-то за потребите на одбраната, што е резултат, според него, на лошата политика на германската канцеларка Ангела Меркел:

„Со тоа таа праќа порака дека други нешта ѝ се поважни од безбедноста на граѓаните. Проблем е и што тие одлуки не ѝ се објаснуваат на јавноста. Така не се води политика. Ако раководев и јас така тогаш кога бев командант, ниту еден војник немаше да ги следи моите команди“, вели Бот.

Тој изрази жалење што Германија веќе не покажува подготвеност да преземе одговорност како кон крајот на ’90-тите:

„На сојузните влади денес им недостасува волја за тоа нашите ‘Торнадо’ авиони повторно да се употребат како носачи на омби. Посакувам авијација која повторно би добила политичка задача, за да покаже што може, слично како во 1999-та“, вели пензионерот.

- Реклама -