Адвокатот Дукоски: Боки 13 секој ден повpaќа и е во лоша здравствена состојба

За разлика од втората половина на август, кога одбраната на Боки 13 тврдеше дека Бојан Јовановски одлично се држи во притвор, дури и подобро од тоа што очекувале (потсетување: беше уапсен на 15 јули), сега ситуацијата е сосема поинаква. Како што соопшти неговиот адвокат Сашко Дукоски во интервјуто во рамки на емисијата „Код“ на ТВ „Телма“, Боки 13 е во многу лоша здравствена состојба.

Според Дукоски, неговиот клиент, првоосомничен во случајот „Рекет“, секој ден повpaќа и има големи болки, кои се резултат на две претходни неуспешни операции кои ги направил по своја желба, а не од здравствени причини. Како што беше информирана и јавноста, Боки 13 во повеќе наврати со затворско возило беше носен на прегледи во болница, а коректниот однос на затворската управа го потврди и Дукоски, истакнувајќи дека здравствена заштита на неговиот клиент му била обезбедена секогаш кога имало потреба. Сепак, адвокатот не можеше да процени како понатаму ќе прогресира здравјето на Боки 13.

Според информациите во јавноста, Бојан Јовановски има направено операција подврзување на желудник, процедура која станува сѐ попопуларна кај оние што сакаат побрзо да ја намалат телесната тежина.

Инаку, до овој момент, барем колку што знае јавноста, Боки 13 сѐ уште не бил повикан на распит кај обвинителката за гонење на организиран криминал и корупција – Вилма Русковска, која го води случајот „Рекет“.

- Реклама -