СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ сѐ повеќе наликува на грчката „Златна зора“, ни Мицкоски ни Груевски не можат да ги вратат процесите

„ВМРО-ДПМНЕ го извалка големиот државен празник 8 септември – Денот на независноста“, обвинуваат од СДСМ.

„Посветена на одбрана на криминалот, ВМРО-ДПМНЕ не испрати делегација на оддавањето почит на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски покажаа непочит кон државата, кон историјата, кон денот на независноста и кон првите двајцата македонски претседатели“, порача пратеникот и партискиот портпарол – Костадин Костадинов.

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да сее омраза и да поттикнува насилство, додаваат од СДСМ.

„Последен пример за тоа е палењето на сликите на премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска во Австралија. ВМРО-ДПМНЕ и нивната реторика се директни поттикнувачи на вакви срамни инциденти. Со ваквите постапки, ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека се однесува деструктивно, на штета на граѓаните и државата. Одново се докажа дека единствената мисија на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски е одбрана на криминалот, ширење поделба и омраза помеѓу граѓаните и оддалечување на државата од ЕУ и НАТО“, вели Костадинов.

Според него, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ полека, но сигурно, се претвораат во грчката Златна Зора.

Наместо да се приклучат кон процесот за обезбедување на сигурна иднина за земјата тие разгоруваат национализам и потхрануваат лажни очекувања кај своите гласачи. Ниту Мицковски, ниту Груевски не можат да ги вратат процесите назад. Тешка лага е дека ќе го поништат Преспанскиот Договор. Така зборуваа и за Времената Спогодба, па не само што ја прифатија туку и ја прогласија за дипломатски триумф.

ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски и Груевски нема да успеат да ја вратат државата во темното минато на насилство, поделби и изолација. Република Северна Македонија оди напред како едно општество за сите, без разлика колку и тоа да е неприфатливо во белиот дворец“, порачуваат од владејачката партија.

- Реклама -