На Шведска ѝ се стопи највисокиот врв

СПОДЕЛЕТЕ

Врвот што Швеѓаните го знаеја како највисок во нивната земја веќе не постои, не во истата форма. Поради климатските промени и порастот на температурите во Арктичкиот круг, дошло до топење на глечерот, при што неговата големина е намалена, а највисокиот врв веќе не е највисок.

„Ова е знак, ова е многу јасен сигнал до сите во Шведска дека нештата се менуваат“, вели Ганхилд Нинис Росквист – универзитетска професорка по географија на Универзитетот во Стокхолм.

Како што пишува The Guardian, во далечниот север на Шведска, на околу 150 км во Арктичкиот круг, планината Kebnekaise има два врвови: јужниот – прекриен со глечери, и уште еден врв северно од него, кој не е прекриен со мраз, но исто така е достапен само за соодветно опремени и искусни алпинисти. Откако на двата врва се извршуваат мерења, почнувајќи од 1880 година, јужниот – овој со глечерите, отсекогаш бил повисок. Меѓутоа, кога Росквист и нејзиниот тим ги направиле овогодишните мерења, на крајот на летниот циклус на топење, на 3 септември, северниот врв (висок 2.096 метри и 80 сантиметри) бил за 1.2 метри повисок.

Росквист вели дека се сомневале во ваквиот исход уште лани, но поради непрецизни мерења морале да го потврдат резултатот годинава. Сега, меѓутоа, нема дилема, мерењата се точни, со мал простор за грешка од пар сантиметри, што не го менува заклучокот.

Понатаму, на 3 септември е измерен уште еден рекорд – јужниот врв на Kebnekaise овојпат е понизок од било кога досега во историјата на мерењата – за дури 24 понизок од рекордот во 1960-тите. Според професорката, речиси целото намалување се случило во последните две декади. „Глечерот губел, во просек, по 1 метар годишно“, вели таа.

Со зимскиот снег и мраз, глечерот повторно ќе поврати дел од својот волумен и веројатно врвот пак ќе стане највисок. Такви варијации веројатно ќе се случуваат уште некое време, но трендот е воспоставен и многу јасен, вели Росквист.

Мај и јули 2018-та беа најтоплите месеци во историјата на Шведска, со температури и до 10 степени Целзиусови над нормалата. Пожарите во Арктикот дополнително придонесоа глечерот на Kebnekaise да се намали за речиси 4 метри. Иако овој јули во Шведска не беше толку топол, со оглед на необично свежиот почеток, во селото Маркусвинса, во далечниот север на земјата, на 26 јули беа регистрирани температури од 34.8 степени Целзиусови – највисока температура било кога регистрирана во Арктичкиот круг во Шведска. А како што објаснува Росквист, за закрепнувањето на глечерите не се клучни зимите, туку свежите лета. А таквите очигледно ги има сѐ помалку.

„Не ни требаат повеќе знаци и непотребно е веќе да трупаме докази. Можеме да ја видиме климата како се менува пред нашите сопствени очи, овде горе. И мора да направиме нешто околу тоа“, вели професорката.

- Реклама -