Во Африка горат трипати повеќе пожари отколку во Амазон, но за нив не се зборува. Еве зошто

СПОДЕЛЕТЕ

Сериозноста на ситуацијата со пожарите во Амазонија предизвика глобална реакција, но и неизбежно кај оние што читаат меѓу редови го наметна прашањето: А што е со остатокот од светот? Во потрагата по одговор, многумина посегнаа по глобалната карта на НАСА која регистрира пожари во реално време.

А таму, изненадување. Кога ќе се погледне состојбата од неделата, јасно се гледа дека повеќе пожари горат во централна Африка, пренесува „BBC“. Имено, во рок од два дена минатата недела, Ангола имала три пати повеќе пожари отколку Бразил, објави „Bloomberg“, повикувајќи се на податоци од „Weather Source“. Според истите, во Ангола имало 6.902 пожари, а во соседната Демократска Република Конго имало уште 3.395, во споредба со „само“ 2.127 пожари во Бразил.

Со оглед дека на „Твитер“ гневот брзо се шири, дел од твитерџиите, пред сè од Бразил, веднаш ја искористија информацијата за да го нападнат францускиот претседател Емануел Макрон, кој пожарите во Амазон ги нарече „меѓународна криза“, дека ги игнорира пожарите во Африка.

Меѓутоа, има неколку важни информации што картата на НАСА не ги покажува; На пример, дали горат пасишта или шуми и колку всушност се големи тие пожари. Дел од аналитичарите укажуваат дека слични пожари во Африка имало и пред две години, за кои НАСА вели дека делувале како да се подметнати.

Веројатно и се. Не е новост фармерите да исечат дел од вегетацијата, а остатокот да го запалат за да ја „исчистат“ почвата за садење на посеви. Таквата техника е контроверзна, но добро позната, иако еколозите предупредуваат дека може да доведе до дефорестација (уништување на шумите), ерозија на почвата и губење на биодиверзитетот.

Од аспект на фармерите, меѓутоа, тоа е најевтиниот метод да се расчисти земјиштето. Предност е што ги уништува болестите што ги напаѓаат посевите, а пепелот обезбедува хранливи материи за идните култури. Оттаму, спалувањето на полињата останува популарно меѓу фармерите, а се случува секоја година непосредно пред дождовната сезона, која во Ангола и ДР Конго започнува во следниот месец дена. Тоа е прилично логично објаснување зошто во Африка горат повеќе пожари и зошто не привлекоа толку многу внимание во светската јавност, за разлика од овие во Амазон.

- Реклама -