2Бона го објавија првиот дел од ‘94 (ВИДЕО) – Веста е тука!

По неколку месеци интензивна работа, македонското дуо 2БОНА го објави „Чаптер 1“ на стриминг платформите, кој е првиот дел од албумот со наслов „94“. Оваа работа бележи почеток на летото во 2025 година и внесува свежина во регионалната музичка сцена.

2БОНА го претставуваат првиот чаптер од новиот албум „94“, кој раскажува силна музичка приказна за генерацијата што оставила длабока трага.

Албумот „94“ е инспириран од годината на раѓање на Кун и Тони, и претставува интимен, но истовремено динамичен белег на генерациите кои растат во дигиталниот свет. Секој од забавните хитови носи дел од нивното лично и музичко созревање, комбинирајќи современи ритмови, улична естетика и емоционални текстови.

Во овој прв дел на албумот можат да се слушнат 6 песни, придружени со 6 видео записи, вклучувајќи ги “Еверест”, “Ради реда”, “Лето”, “Еурека”, “Сука” и “Мозаик”.

Песните во овој чаптер често се колаборации со македонски уметници, меѓу кои се и Тајзи, Барбара Поповиќ, како и младите таленти од Горила ТВ — Шаро, Инсерта, Фико, Муфи и Вански.

Во продукцијата учествуваа Лазар Цветковски, Иле Спасев, Марио Јелиќ – Кун и Филип Андреев, кои на овој албум му дадоа уникатен и квалитетен звук.

„Со ’94’ сакаме да ја раскажеме нашата приказна – како растевме, од каде потекнуваме, што преживеавме и каде се наоѓаме денес. Овој албум не е само за нас, туку за секоја генерација која тежи да остави свој белег,“ – велат Кун и Тони.

Албумот е достапен на сите стриминг платформи, вклучувајќи Spotify, Apple Music, YouTube Music и Deezer.

Со „94“, 2БОНА сакаат да пренесат јасна порака дека музиката може да биде не само вистинска уметност, туку и глас на генерацијата.