Героски до СДСМ: А бе, со преименувањето во СДССМ што бидна?

„Кога планира СДСМ да се преименува во СДССМ – Социјалдемократски сојуз на Северна Македонија?“, прашува новинарот Бранко Героски на Фејсбук, додавајќи дека „онака, му текнало“.

Во коментар на постот, Героски тврди дека синтаксички гледано скратеното име од „Република Северна Македонија“ е „Македонија“. Сепак, во Упатството до медиумите за Преспанскиот договор на МНР, потсетува Героски, се тврди дека скратеното име е Северна Македонија. „Ако е во право Владата, односно нејзиното МНР, тогаш СДСМ мора да си го смени името во СДССМ“, констатира новинарот.

Промената на името на партијата, или барем модификација, беше најавена уште во февруари, непосредно пред Преспанскиот да стапи во сила (на 12 февруари 2019-та). Високи извори од партијата за „Независен“ тогаш најавија дека промената би можела да се реализира уште на конгресот на партијата на 3 март, кога СДСМ официјално одлучуваше со кој кандидат ќе настапи на претседателските избори. Тогаш во игра беа најавени две варијанти: 1) СДСМ да ја задржи кратенката, но таа да добие поинакво значење: Социјалдемократи на Северна Македонија (СДСМ); или 2) Партијата да добие име кое нема да го вклучува името на државата, по примерот на многу други левичарски ориентирани социјалистички и социјалдемократски партии во Европа. Односно, според оваа втората, СДСМ требаше да стане Социјалдемократски сојуз (СДС).

- Реклама -