Бизapно откритие: На смартфон генерацијата ѝ растат „рогови“ (ФОТО)

СПОДЕЛЕТЕ

Првпат предупредиле пред две години, истражувањето го објавиле лани кон крајот на годината, а сепак тоа некако поминало под радарот на јавноста. Што е чудно, затоа што откритието на австралиските научници д-р Дејвид Шахар и неговиот соработник Марк Сејерс од Универзитетот во Sunshine Coast е навистина бизapно. Интересот одеднаш се разбуди откако минатата недела BBC објави статија за ефектите на технологијата врз човечкото тело, во која го цитираше нивното истражување.

А откритието е следново: Верувале или не, на помладите генерации им растат вид рогови на задниот дел од чepeпот, а причина е интензивната употреба на преносната технологија, како смартфоните и таблетите. До откритието двајцата научници дошле откако прегледале 218 рентгенски снимки на луѓе на возраст меѓу 18 и 30 години. Кај речиси половина од нив (41%) се откриени коскени израстоци на задниот дел од главата, „налик на рогови“, со големина од 10 до 30 милиметри. Дополнителните тестирања и скенирања со магнетна резонанца покажале дека истите не се резултат на генетска последица или некаков вид повpeда.

Присуството на вакви израстоци на черепот покренува сериозна загриженост околу интензивната употреба на телефоните и ефектот врз телата на младите луѓе, велат Шахар и Сејерс. Тие објаснуваат дека сè до подемот на гаџетната технологија, вакви израстоци обично се забележувале кај постари луѓе, ретко кај помлади, а се резултат на долготрајно оптоварување на cкeлeтот поради неправилно држење на телото. И самите научници се изненадени од откритието, бидејќи за развивање на вакви коскени израстоци, велат, обично се потребни години и години. Притоа, нагласуваат, и кога ги има, обично се со големина од по неколку милиметри, што го прави откритието (кај младите се забележани израстоци со големина од 10 до 30 милиметри, како што рековме) уште позагрижувачко.

„Ова е доказ дека мускуло-скелеталните дегенеративни процеси можат да почнат и да прогресираат тивко и незабележано уште од рана возраст“, вели Шахар, кој во продолжени објаснува и како настануваат „роговите“:

„Нашата претпоставка е дека настануваат поради претрпеното зголемено оптоварување на тие делови каде се закачени мускулите, а тоа е резултат на тежината на главата наведната нанапред при продолжена употреба на модерните технологии во подолг временски период. Наведнувањето на главата нанапред резултира со префрлање на нејзината тежина од кocките на ‘рбетот – кон мускулите на задниот дел на вратот и главата“.

Сејерс и Шахар планираат да продолжат со истражувањето на овој феномен, но и со работа на план и ресурси за негово спречување, особено кај децата во школска возраст. Надежта не е загубена – како што објаснува Сејерс, самиот израсток на чepeпот не е главниот проблем, туку е знак на долгорочно лошо држење, а тоа, вели, прилично лесно се поправа, ако се сака.

- Реклама -