Алармантно топење на Гренланд: Наместо по мраз, кучиња влечат санка по вода (ФОТО)

СПОДЕЛЕТЕ

Стефан Олсен од Данскиот метеоролошки институт бил на рутинска мисија во северозападен Гренланд, каде што требало да подигне океанографска и опрема за следење на времето поставена во мразот од неговите колеги. Но, Олсен не можел да ги најде инструментите – она што би требало да биде голема рамна замрзната бела површина, сега била покриена со вода – резултат од топењето на ледената обвивка на Гренланд, која е втора најголема на планетата.

Олсен не пропуштил да ја фотографира фасцинантната, но алармантна глетка од неговите запрежни кучиња потопени до глуждови во светлосината вода од стопениот мраз, при што се оддава привид дека санката ја влечат по вода. Истата ја објави на Твитер, по што набрзо се прошири низ целиот свет, придружувајќи им се на купот фотографии со изгладнети поларни мечки, преполовени глечери, моржови на суво и пресушени езера, како визуелни докази за тековните интензивни климатски промени.

Олсен потсети и дека најпогодени од топењето на мразот на Гренланд ќе бидат домородните заедници, кои зависат од мразот за транспорт, лов и риболов. Но ефектите не застануваат таму, пренесува CNN.

Сезоната на топење на Гренланд трае од јуни до август, со тоа што најголемиот дел од мразот се топи во јули, најтоплиот месец. Но годинава островот бележи огромна загуба на мраз веќе и до 13 јуни (денот кога е направена фотографијата) – со околу 40% од површината на Гренланд на која веќе се случува топење, со тотална загуба од повеќе од 2 милијарди тони мраз, според последните проценки.

Научниците веќе со месеци предвидуваа рекордна година на топење на Гренланд, а бројките засега ги потврдуваат нивните предвидувања. Згора на тоа, ефектот е кумулативен – што повеќе мраз ќе се стопи порано во летото, толку поголемо топење следува понатаму во текот на летото. Причина за тоа е што белиот снег и мраз ги рефлектираат сончевите зраци назад во вселената, намалувајќи ја количината на апсорбирана топлина, со што мразот се одржува студен. Колку помалку мраз има, толку помалку топлината се рефлектира, а наместо тоа се апсорбира, што доведува до повеќе топење на мразот.

Вакви периоди на интензивно топење се забележани и во 2007-ма, 2010-та и 2012-та, но не и пред доцните ’90-ти, вели Томас Моте – научник и истражувач од Универзитетот во Џорџија (UGA) кој се бави со климата на Гренланд. Топењето може да има огромен ефект врз порастот на нивото на морето, а во изминативе две децении таквиот удел на Гренланд постојатно се зголемуваше. Од 1972 година, топењето на мразот на Гренланд придонело за пораст од 13.7 милиметри на глобалното морско ниво, проценува една понова студија, за сега стопениот мраз од Гренланд да стане водечки извор на вода која се додава во океанот секоја година.

А исто како што раното топење на мразот на Гренланд може да предизвика поголемо топење подоцна во годината, поради намаленото рефлектирање на топлина од планетата губењето на мразот има амплифицирачки ефект и врз глобалната температура. Апсорбирањето на таа топлина допринесува за зголемување на температурата на океанот, што потоа предизвикува уште повеќе топење на мразот, започнувајќи маѓепсан круг кој не запира сè додека повторно не дојде зимата и Арктикот почне одново да замрзнува. Но со порастот на температурата на планетата, се зголемуваат шансите еден ден тој маѓепсан круг веќе да нема што да го запре, па наместо хаски на Гренланд, поради пораст на морското ниво, со вода до глуждови да завршат њујорчаните од Менхетн, на пример. А тоа ќе биде само почеток на проблемите.

- Реклама -