Падна официјална понуда од САД: Ова се бугарските авиони кои ќе го чуваат македонското небо (ВИДЕО)

Секторот за воена соработка при Амбасадата на САД во Софија и официјално му го претстави на бугарското Министерство за одбрана предлогот за склучување на договор за набавка на осум американски ловци модел F-16 Block 70. Заедно со авионите, Бугарија ќе добие и соодветно воopyжување, системи за долгорочна употреба и поддршка, како и целосна обука на пилоти и помошен персонал, соопштија од Американската амбасада во Бугарија.

Од Амбасадата изразија задоволство и благодарност за соработката со бугарската делегација од воени и финансиски експерти и изразија надеж дека предлогот за склучување на договор е ускладен до највисок степен со побарувањата на Бугарските воздухопловни сили. Наскоро се очекува и финализирање на договорот.

Пред 10-тина дена, американскиот Конгрес ја одреди максималната цена на зделката на 1.6 милијарди долари, но нагласи дека реалната ќе биде многу пониска. Според повеќе извори, во официјалниот предлог договор таа е за 20 до 30% помала. Минатата недела, од бугарско-американската база во Ново село, Бугарија, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека разговарал со својот македонски колега Зоран Заев и најави дека токму со новите авиони Бугарија ќе го чува воздушниот простор на Северна Македонија, која наскоро ќе стане 30-та членка на НАТО. „Тоа ќе биде добро и за нас, и за нив“, порача Борисов.

- Реклама -