Ветувања од Меркел и Германија: Бундестагот ќе даде амин за преговори, но во септември

Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на Унијата, информираат премиерот Зоран Заев и од Владата, по денешната средба со германската канцеларка Ангела Меркел.

На средбата канцеларката потенцирала дека Северна Македонија го испорачала очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно. Заев, на средбата истакнал дека го радува фактот што германското Министерство за надворешни работи има позитивен став за нашата земја во однос на започнувањето на преговори за членство во ЕУ.

„На средбата на делегацијата на Владата на РСМ во Берлин, се потврди дека во СР Германија, како и во другите земји членки, неоспорно се признаени резултатите од реформите кои се потенцирани во извештајот на Европската Комисија и дека позитивно се гледа на препораката на ЕК за започнување на преговори за членство во ЕУ. Силно е уверувањето дека оваа година започнуваме преговори за членство со ЕУ и им се придружуваме на Србија и Црна Гора“, велат од Владата.

И пратеникот од ЦДУ (партијата на Меркел) – Јохан Вадефул, индиректно потврди дека Македонија ќе добие позитивна одлука од Бундестагот, иако тоа ќе се случи три месеци подоцна од посакуваното. Вадефул, одговарајќи на критиките кон Бундестагот дека го одолговлекувал процесот иако се знаеше дека Северна Македонија ќе добие позитивна препорака уште кога го затвори спорот за името, потсетува дека тие имаат одговорност пред својот народ детално да го разгледаат извештајот и да објаснат зошто рекле „Да“, за што е потребно време.

„Што се однесува до Северна Македонија, според моите сознанија и проценки, можам да кажам дека земјата на крајот на септември ќе добие согласност од мојата пратеничка група и од Бундестагот“, рекол Вадефул, пренесе „Дојче веле“.

Од партијата ЦДУ исто така „не разбираат зошто е толку голем проблем одложувањето за три месеци, особено што е веќе решено дека отворањето на првите поглавја од преговорите ќе се случи во декември“, објави Frankfurter Allgemeine Zeitung.

Вадефул, пак, предупредил дека „не е од помош ширењето cтpaв од трети сили или земји“, алудирајќи на изјавите на Заев за опасностите од недобивање на датум – зголемување на влијанието на Русија и Кина и подем на националистичките сили во земјата, според Заев.

Од друга страна, свое соопштение издаде и Кабинетот на Меркел. Во него нема ниту збор за ЕУ перспективите на земјата, пренесува „Дојче веле“. Повеќе детали прочитајте ТУКА.

- Реклама -