Со оставката, Груевски си доби и право на апанажа; Богоевски размислува дали ќе го употреби

На денешната собраниска седница претседателот на Собранието – Талат Џафери, ја констатираше оставката на Груевски и ја отфрли точката на дневен ред на која требаше да се расправа одземањето на мандатот на експремиерот – како беспредметна.

Како што утрово им објаснил на координаторите на пратеничките групи, Џафери ја прифатил оставката – иако таа беше испратена додека експремиерот е во бегство/азил во Унгарија, бидејќи одлучил да ја почитува досегашната пракса во неговиот мандат, за чие времетраење имало уште шест слични случаи за пратеници во отсуство.

 

Со тоа (Груевски со поднесувањето, а Џафери со прифаќањето на оставката), им беше ускратено задоволството на пратениците од владејачкото мнозинство да му го одземат мандатот на Груевски.

Но, прифаќањето на оставката носи и уште една голема победа за Груевски – според Законот за пратеници, тој сега има право на апанажа, односно да зема плата во период до една година од престанувањето на мандатот. Информацијата ја потврдуваат и собраниските извори.

Имено, во членот 36 од посочениот закон се наведува дека пратеник во Собранието може да остварува плата и по престанување на мандатот за време до една година, ако мандатот на пратеникот траел повеќе од 24 месеци. Апанажата би изнесувала 63.000 денари, колку што изнесувала и платата.

Засега во Собранието нема пристигнато барање за апанажа од страна на Груевски, а ни тој самиот не се изјаснил дали ќе го искористи ова пратеничко право. Евентуалното барање ќе може да го поднесе во рок од 30 дена. Чисто за потсетување, Груевски престана да зема собраниска плата од февруари, со изгласувањето на дополнувањето во Законот за пратеници.

На денешната седница беше констатирана и оставката на пратеникот Павле Богоевски, поради аферата со снимката на која телефонски договара набавка за, како што тврди, нелегално масло од кaнaбиc. Со оглед дека и неговиот мандат траеше подолго од 24 месеци, и Богоевски има право на апанажа. Засега сè уште размислува дали ќе го искористи.

„Размислувам да побарам апанажа, немам донесено одлука, за сега и двете опции се на маса“, изјави тој.

 

- Реклама -