На Груевски нема да му биде одземен мандатот

СПОДЕЛЕТЕ

Пратениците од владејачката коалиција сепак нема да го добијат задоволството да му го одземат пратеничкиот мандат на експремиерот во бегство/азил – Никола Груевски.

Иако до пред почетокот на денешната седница, закажана за во 11 часот, не се знаеше дали ќе се расправа по предлогот на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, сега е извесно. Како што пренесува „ТВ24“ според извори од пратеничките групи, наместо одземање на мандатот, на денешната седница ќе биде констатирана оставката на Груевски, доставена до Собранието минатата недела, на унгарски јазик. Оттаму велат дека собранискиот спикер Џафери решил да ја почитува праксата и како во изминативе шест случаи од овој мандат – да ја констатира оставката на Груевски без тој да биде присутен на седницата. Тоа според информациите им го соопштил утрово и на координаторите.

На денешната седница ќе биде констатирана и оставката на пратеникот Павле Богоевски, кој истата и ќе ја образложи пред пратениците. Груевски мораше тоа да го прави преку Фејсбук.

Во меѓувреме седницата е одложена за 12.30 часот поради средба со чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој денеска е во посета на Македонија.

- Реклама -