Пендаровски: Ќе беше ли чесно пред 10 години Албанија да не влезеше во НАТО поради нашиот спор за името?

СПОДЕЛЕТЕ

Одлично би било да го одиме патот кон ЕУ заедно со нашите пријатели од Албанија и пристапот земјите да се гледаат како дел од една поширока стратегиска слика е начелно добар, но во исто време, мора да се внимава на спецификите и особеностите и на секоја земја одделно, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за „Дојче веле“, прашан дали за Северна Македонија е подобро да биде издвоена или датумот за почеток на преговори со ЕУ да се разгледува во пакет со Албанија, со оглед дека во Унијата во моментов Албанија важи за проблематична, а Северна Македонија се издвојува како „светол пример“.

„Имаме одлични релации со сите соседи, а крупните отворени прашања ги затворивме. Со Албанија конкретно споделуваме исти идеи за тоа каде е местото на нашите земји во поголемата слика и тука е сè јасно. Албанија е наш сосед и членка на НАТО, која секогаш нè поддржувала на патот кон членство во НАТО. Од денешната 2019, далеку изгледа 2008 година кога не успеавме да добиеме покана за членство во НАТО, иако бевме дел од истата Јадранска група на држави, и тоа е тој почеток на годините наречени „заробена држава“. Сметам дека пристапот земјите да се гледаат како дел од една поширока стратегиска слика е начелно добар, но во исто време, мора да се внимава на спецификите и особеностите и на секоја земја одделно. Одлично би било да го одиме патот кон ЕУ заедно со нашите пријатели од Албанија, но дали ќе беше чесно кон Албанија и нејзините граѓани некој од нив пред 10 години да побараше тие да не влегуваат во НАТО, бидејќи ние имавме проблем со Грција и дека треба и тие да почекаат додека истиот не биде решен? Остануваме партнери, имаме исти цели пред нас, конечно и Албанија доби јасна препорака – Европскиот совет да донесе позитивна одлука за да добијат датум за отпочнување на преговори и тоа треба да се случи, и за нив и за нас“, вели Пендаровски.

Тој смета дека добивањето датум во следниов период е неспорно и дека не постои ниту една рационална причина да не се случи тоа, но нагласува и дека клучниот предизвик во процесот ќе биде факторот на чекање, односно трпение. Целото интервју прочитајте го ТУКА.

- Реклама -