Павле Богоевски ја закажа седницата за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски

СПОДЕЛЕТЕ

Пратеникот Павле Богоевски, кој истовремено е и претседател на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, ја свикал седницата за мандатот на експремиерот Никола Груевски за во четврток (23 мај), во 11 часот.

На седницата ќе се расправа околу известувањето од претседателот на Собранието – Талат Џафери, испратено на 15 мај, за шестмесечното (неоправдано) отсуство на Никола Груевски од работата на Собранието, што според Деловникот е услов за одземање на неговиот пратенички мандат.

Иако дел од медиумите пренесоа информација дека, поради скандалот со снимката, седницата ќе ја води заменичката Снежана Калевска Ванчева, извори од Собранието за „Плусинфо“ тврдат дека седницата сепак ќе ја води Богоевски.

Инкриминирачката снимка и „јавно признание“ на пратеникот Богоевски предизвика силна реакција од јавноста и особено опозицијата, која бара негова оставка. Сепак, засега Богоевски не се огласи со коментар околу критиките. Претходно тој го поврза тајмингот на објавување на снимката со обидите да биде спречен да ја закаже комисиската седница за одземање на мандатот на Груевски, порачувајќи дека таквиот обид нема да биде успешен.

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев го искоментира случајот со Богоевски, изјавувајќи дека „тоа е негово лично право“.

Доколку Комисијата препорача одземање на пратеничкиот мандат на Груевски, предлогот ќе оди на гласање во Собранието. За тоа да се исполни, ќе биде потребно двотретинско мнозинство од пратениците.

 

- Реклама -