Поднесена пријава за Силјановска и изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ

СПОДЕЛЕТЕ

Тимот на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски денеска поднел пријава против противкандидатката Гордана Силјановска-Давкова, нејзиниот изборен тим и изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, за нeдoзвoлeни активности во текот на изборната кампања, соопштија од СДСМ.

СДСМ и штабот на Пендаровски ги товарат Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ за злoyпoтpeба на децата без родители во изборната кампања и за политички цели.

Како што велат од СДСМ, Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ, во страв од извесен пораз во вториот круг, а по слабата поддршка во првиот изборен круг, заради ситни политички поени се обиделе да ја манипулираат јавноста дека децата без родители и родителска грижа сместени во СОС Детско село се соочуваат со недостиг на храна, иако, тврдат од СДСМ, за секое дете е обезбедено организирано живеење и предвидени трошоци целосно обезбедени од државата.

„Пријавата е поднесена до Државната Комисија за спречување на корупцијата бидејќи од страна на Гордана Сиљановска Давкова, нејзиниот изборен тим и изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ прекршени се одредбите од член 8-в од Изборниот Законик, Кодексот за фер и демократски избори потпишан во ДИК на 31.03.2019г., членот 36 од меѓународната Конвенција за заштита на правата на децата ратификувана од Република Северна Македонија, член 12 став 4 од законот за заштита на правата децата.

Очекуваме надлежните институции веднаш да постапат по ова прекршување“, се вели во соопштението.

За потсетување, Силјановска неодамна зготви 50 оброци за социјално загрозените семејства и ранливи категории деца, меѓу кои и штитениците од СОС Детско Село.

Претходно за наводната „злoyпотpeба на деца“ реагираше и Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Од тимот на Силјановска демантираа дека постои било каква основа и прашаа каде е МТСП да реагира кога Пендаровски, неговата сопруга или членовите на Владата, вклучувајќи го и премиерот, користат деца во политички цели.

- Реклама -