НАСА ќе праќа хеликоптер на Марс

На почетокот на 2021 година, заедно со „Mars 2020“ роверот, на површината на Марс ќе слета и хеликоптер. Тоа ќе биде првата човечко летало што ќе лета на друга планета. Досега на Марс престојуваа орбитери, лендери и ровери, но ниту една летечка машина.

Причината за испраќањето на хеликоптерот ќе биде технолошка демонстрација. Дури и да не работи, „Mars 2020“ мисијата сепак ќе биде успешна. Но, ако работи, ќе отвори сосема нови правци во истражувањето на другите планети.

На Земјата хеликоптерите се стара технологија, но на Марс е вистински предизвик. Благодарение на ретката атмосфера на Црвената планета, хеликоптер што би летал блиску над површината е еквивалент на хеликоптер што на Земјата би летал на алтитуда од 30.500 метри – висина далеку поголема од таа на која летаат хеликоптерите, па и авионите. На Земјата, рекордна висина на која има летано хеликоптер е 12 километри.

Па така, инженерите на НАСА од Jet Propulsion Laboratory морале да направат летало што е извонредно лесно и истовремено извонредно силно и цврсто. Сметаат дека успеале; хеликоптерот што ќе оди на Марс е само малку поголем од тениско топче, а тежи 1.8 килограм. Перките на роторот ќе вртат со 3.000 вртежи во минута, што е 10 пати побрзо од повеќето хеликоптери на Земјата.

Тимот работел на проектот уште од 2013-та, а дозвола за мисијата „Mars 2020“ хеликоптерот добил дури во мај минатата година.

Покрај предизвикот на самото летање на Црвената планета, инженерите исто така мораат да обмислат и како хеликоптерот ќе навигира, имајќи предвид дека комуникацијата меѓу Марс и Земјата доцни барем неколку минути. Кај роверите, овој проблем се решава така што инженерите внимателно го фотографираат теренот, а потоа бавно го водат роверот кон неговата цел, со многу попатни застанувања, за подобра проценка на ризиците. Кај хеликоптерот ќе треба далеку побрзи реакции, особено што веројатно ќе налетува на ветер и други пречки кои би можеле да го изместат од курсот. Притоа, хеликоптерот ќе мора да има и вграден систем за безбедно слетување, во случај да се случи некаква грешка при летањето.

Затоа, Марс хеликоптерот ќе биде автономен и ќе се самоуправува за време на кратките летови до блиски дестинации. Ќе прима команди и ќе комуницира преку роверот, но ќе има свои соларни батерии, како и греач, за да го заштити од замрзнување за време на студените ноќи на Марс.

Неговата мисија ќе трае 30 дена и ќе направи пет летови. На почеток, ќе се тестира лебдење во воздухот на само 3 метри од површината. Потоа ќе лета сè подолго и подолго, сè до времетраење од 90 секунди.

Ако хеликоптерот е успешен во својата мисија, НАСА се надева дека идните верзии ќе можат да бидат користени во скаутски мисии за идните ровери, или за мапирање на регионите кои се недостапни за инструментите со тркала.

- Реклама -