Жена си вбризгала овошен сок директно во вена, не завршило добро

51-годишна Кинескиња речиси ќе го изгубела животот откако директно во вена си вбризгала „инфузија“ од овошен сок направен од 20 различни видови овошја, сакајќи нејзиниот организам „на најдобар начин да ги впие витамините“.

Набрзо по „инфузијата“, почувствувала иритација на кожата и ѝ се покачила температурата. Сепак, жената ги игнорирала симптомите, а во болница отишла дури откако нејзиниот шокиран сопруг дознал за коктелот кој си го вбризгала во вената.

Докторите од универзитетската болница Сиангнан во кинеската провинција Хунан, каде што жената била примена, велат дека нејзиниот организам претрпел голема штета и се развиле разни инфекции кои резултирале со почеток на откажување на срцето, бубрезите и црниот дроб.

Докторите ѝ ја прочистиле кртва и ѝ ги дале соодветните антибиотици, па по дури пет дена во болница, општата здравствена состојба ѝ се подобрила.

„Мислев дека овошниот сок е здрав и дека не може да ми наштети ни на овој начин“, изјавила жената, за која се утврдило дека била склона кон користење на алтернативна медицина.

- Реклама -