Најсеверниот, најјужниот, најзападниот и најисточниот град во Македонија

СПОДЕЛЕТЕ

Кај населението, во медиумите, па и во литературата, често има забуна, несоодветни или сосема погрешни информации за тоа кој е најсеверниот, најјужниот, најзападниот и најисточниот град во нашата држава. Така, како најсеверен град често се потенцира Куманово, а како најјужен Гевгелија. Сепак, со помош на прецизни мерења на детални топографски карти, се добиваат следните податоци:

Најсеверен град во Република Македонија е Крива Паланка која се наоѓа на 42°12′ северно од Екваторот. Потоа доаѓа Куманово кој лежи на 42°8′, односно 8 km појужно од Крива Паланка. Потоа следи Кратово (6 km појужно од Куманово), па Скопје и Тетово, кои се речиси на ист напоредник, односно на 42-риот степен, со тоа што централната точка на Тетово е малку посеверно од истата на Скопје.

крива паланка

Според географската широчина, најјужен град во Македонија е градот Битола, кој се наоѓа на 41°01’45” или 12,5 km појужно од Гевгелија. По Битола, втор најјужен град е Ресен кој е на 41°05’20” или речиси 6 km појужно од Гевгелија. На трето место е Охрид, кој по својата географска широчина од

41°06’50” е само незначително т.е. 3 km појужно од Гевгелија. Тоа значи дека Гевгелија (41°08’30”), по географската широчина, е дури 4-ти најјужен град во нашата држава. Следен на листата е градот Струга кој лежи на 41°10’30” или нецели 3 km посеверно од Гевгелија итн.

битола

Според географската должина пак, најзападен град во Република Македонија е Дебар, кој лежи на 21°31’30” источно од Гринич, а по него следи Струга на 20°40’40” или 9′ (12 km) поисточно од Дебар. На 10 km источно од Струга е Охрид, кој пак е трет најзападен град во Македонија.

дебар

Најисточен град, според географската должина е Пехчево, на 22°53’20” источно од Гринич. По него е Берово, кој е само 2′ или 2,5 km позападно од Пехчево. Трет најисточен град е Делчево кој лежи на 22°46’30” и е за 10 km позападно од Пехчево. Струмица пак, е дури 20 km западно од Пехчево и е 4-ти најисточен град во Македонија.

пехчево

Интересно е да се напомене дека линијското растојание од Пехчево како најисточен до Дебар како најзападен град е точно 199 km, додека од Крива Паланка како најсеверен, до Битола како најјужен град е 155 km.

Автор: д-р Ивица Милевски ИГЕО ПОРТАЛ

- Реклама -
СПОДЕЛЕТЕ