Илина Арсова го искачи Пунџак Џаја, ѝ останува уште еден врв за комплетирање на светскиот предизвик

Познатата македонска алпинистка и планинар – Илина Арсова, во 13:40 часот на 1 јануари 2019-та се искачи на врвот Пунџак Џаја, висок 4884 метри. „Карстната пирамида“ (во превод) се наоѓа во Папуа, Индонезија, и е највисокиот врв на контитентална Австралија со Океанија.

Пунџак Џаја е шестиот од седумте врвови на седум светски континенти што Арсова си има зацртано да ги освои. Годинава таа планира да го искачи и седмиот – врвот Винсон на Антарктикот. Со тоа Арсова ќе се вброи меѓу (само) 70-тината жени во светот кои го имаат комплетирано ваквиот високогорски предизвик, а официјално ќе стане и првата жена од Балканот, и секако од Македонија, со такво достигнување. За Македонија тоа ќе значи уште еден светски резултат, а за Арсова ќе значи исполнување на мисијата за зајакнување на жените преку спорт.

Што се однесува до Пунџак Џаја, тој е еден од попредизвикувачките врвови, бидејќи се работи за искачување на карпа со речиси вертикален нагиб и висинска должина од околу 700 метри до врвот, раскажува Арсова за „Охрид Њуз“.

Од друга страна, Арсова е единствената жена од Македонија која го искачила Монт Еверест, висок 8.848 метри.

- Реклама -