„Македонијалек“: Вакцините се безбедни и со важечки рок, старите датуми биле залепени по грешка

Вонредниот инспекциски надзор извршен од комисијата формирана по барање на министерот за здравство – Венко Филипче, покажа дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата против мали сипаници се со важечки рок и целосно безбедни, информираа од Министерството за здравство. Контролата извршена во вакциналните пунктови, при што детално биле проверувани фабричките рокови на кутиите и внатрешните пакувања на вакцините, покажала дека сите вакцини се со важност до мај односно јули 2019-та година.

„Контролата покажа дека сите МРП вакцини од марката ‘Priorix’, кои нашата компанија ги дистрибуира, се со важечки рок и сигурни за користење“, соопштија денеска и од „Македонијалек“, која е увозник и дистрибутер на МРП вакцината.

Што се однесува до декларациите со важност до октомври 2018 година, како и шпекулациите во јавноста дека се даваат вакцини со истечен рок, инспекциската контрола покажала дека се работи за едноставно технички пропуст направен од страна на увозникот, соопшти Министерството. Од „Македонијалек“ појаснуваат како се случил пропустот:

„На вакциналните пунктови има дистрибуирано вакцини од две серии, едната со важност до мај 2019 година, а другата до јули 2019. При контролата, откриена е помала техничка грешка која вработените ја направиле при аплицирање на декларациите. Имено, кај мал дел од пакувањата се аплицирани старите декларации со датумот од претходниот увоз, односно октомври 2018“, стои во соопштението.

„Македонијалек“ се извинува за пропустот и непријатностите кои биле предизвикани, а спорните пакувања се веднаш повлечени и ќе бидат заменети со цел да не предизвикуваат понатамошни забуни во јавноста, порачуваат од компанијата.

Министерството за здравство апелира родителите да продолжат со вакцинација на децата.

- Реклама -