Шаторите на демонстрантите од „Македонија блокира“ отстранети од пред Собрание (ФОТО)

Возачите и минувачите утрово беа изненадени од глетката спроти Собранието: ги немаше шаторите, масите, столчињата и транспарентите на демонстрантите од „Македонија блокира“, кои со месеци  кампуваа и редовно го блокираа сообраќајот во знак на протест против уставните измени.

Во последнава недела во кампот на „Македонија блокира“ имаше сé помалку луѓе, забележаа граѓаните, но и медиумите, но од вечерва целосно се отстранети шаторите.

Утринава екипи на градското комунално претпријатие и дел од камперите ги отстрануваа шутот и последните остатоци од кампот.

Од движењето „Македонија блокира“ велат дека шаторите кои беа поставени пред Собранието се украдени. Од „Единствена Македонија“ си ги бараат назад шаторите кои се во нивна сопственост и посочуваат дека уредно во полиција го пријавиле кампот до 31 декември годинава, пренесува Фокус.мк.

„Го пријавивме кампот до дочекот на Нова Година. Имавме разбирање и претходно ги поместивме шаторите на тротоарот и во паркот, за да не бидат на улица и да можат возилата слободно да се движат, да не страда народот и никому да не му сметаат. Од утринава шаторите ги нема. Поради тоа пријавивме кражба во полиција“ – велат од „Единствена Македонија“.

Од таму додаваат дека кампот бил отстранет по наредба на градските власти, а со асистенција на полицијата.

„Ако не ги вратат шаторите ќе тужиме за кражба. Освен тоа ќе дадеме наредба до сите општински комитети да се блокираат градовите, бетер ќе направиме, да видиме колку полицајци ќе ангажираат“ – додаваат за „Фокус“.

Според неофицијалните информации на „Телма“, шаторите се тргнати од страна на полицијата околу полноќ, бидејќи не се исолнети минималните услови за протест, односно присуство на минимум 20 граѓани.

- Реклама -