„Жолтите елеци“ закажаа протест и во Хрватска

СПОДЕЛЕТЕ

Протестите на „жолтите елеци“ во Франција очигледно имаат заразна компонента, па слични никнуваат (или постои страв дека ќе никнат) и во другите земји во светот. Веројатно заслугата за тоа е самата суштина на протестите во Франција, кои од незадоволство од покачените даноци на горивото, прераснаа во манифестација и симбол на општо незадоволство од генералните политики кои ги водат Макрон/актуелните влади. „Заразната“ компонента дополнително се зголемува откако се покажа дека протестите во Франција вродуваат со плод – го натераа Макрон да ја свитка опашката и да попушти, макар и да е делумно и привремено (но, затоа и не престануваат).

Па така, „жолти елеци“ се појавија на протести и во Белгија, Холандија, Албанија, а зачетоци можат да се сретнат и кај нас. Сега протести на „жолти елеци“ се закажани и во Хрватска, пренесува хрватски „Индекс“.

Така, на Фејсбук никнува групата „Жолти елеци Хрватска“, која во моментот на објава брои околу 10.000 членови. Основана е од вонпарламентарната партија „Слободна Хрватска“.

Првите протести се најавени за следнава сабота, во три хрватски града – Загреб, Пула и Риека, со почеток на пладне во 12 часот.

Организаторите ги повикуваат сите кои се незадоволни од општествениот статус и приликите кои владеат во политичкиот и општествениот живот; што е уште еден индикатор дека „жолтите елеци“, како протестен симбол, можат да прераснат во нешто многу поголемо од незадоволство кон поединечна конкретна владина политика на локално ниво. Дали овие во Хрватска ќе бидат масовни, е ирелевантно. Поентата е дека „жолтите елеци“ стануваат симбол на една идеја, а што би рекол еден храбар човек – идеја не можеш да убиеш.

- Реклама -